Потпретседателот на Владата на Бугарија и министер за одбрана Красимир Каракачанов „великодушен“ кон Република Македонија, како што ја именува.



„Ако бугарската Влада и бугарскиот Парламент решат да си плукнат на достоинството, да плукнат на својата одлука од октомври минатата година, да плукнат на расположението на голем дел од бугарскиот народ, апропо над два милиона бугарски граѓани имаат потекло од Македонија, ако решиме да занемариме голем дел од нашата историја, ќе потклекнеме на притисокот. Ако решиме дека сме Влада што има достоинство и народ што треба да биде заштитен, народ чие достоинство треба да биде заштитено, тогаш нема да си ја промениме позицијата и Република Македонија ќе има можност да се јави на поправен испит по извесно време, кога ќе научи дека договорите што се потпишуваат треба да се почитуваат. Тие се потпишуваат за да се почитуваат, а не да се имитира почитување и да се очекува некој поголем да ја притисне Бугарија за да отстапи. Меѓу другото, во ЕУ нема големи и мали, гласот на Луксембург е рамен на гласот на Франција и на Германија, респективно гласот на Бугарија и мислењето на Бугарија се рамни на тоа на сите останати“, изјави лидерот на софиското ВМРО за бугарската телевизија Канал 3 и за радиото К2.