Игор Карачиќ, кој со Вардар минатата година втор пат се радуваше на европската круна, не е изненаден од трилер-победата над Загреб и не го отпишува својот поранешен тим ни од финалето на СЕХА вечерва од 20:30 часот со Веспрем.
„Ма, тоа сме го виделе сто пати досега, веројатно, конечно на сите им стана јасно. Карактерот е нешто што ќе го краси Вардар додека постои. На оваа екипа ѝ треба време да се уигра, сè е некако ново. Навистина очекувам нивен напредок од натпревар во натпревар. Покрај неспорниот карактер што го докажаа, во тој тим постои и квалитет. Потребно е само време“, изјави „моторот“ на „црвено-црните“ од 2012 до 2019 година за специјализираниот ракометен портал „Балкан хендбол“.
Според омилениот лик кај навивачите на европскиот, регионален и македонски шампион, Веспрем е фаворит вечерва во Задар, но…
„Нема дилеми дека Веспрем е фаворит. Станува збор за уиграна екипа со голем ростер и јасно е дека предноста е на нејзина страна. Меѓутоа, ова е фајналфор, еден натпревар, на неутрален терен. Сè може да се случи, посебно ако знаеме дека Вардар е на спротивната страна. Му се радувам на финалето, се надевам на добар натпревар, на убави акции, па нека победи подобриот“, коментира играчот на полски Кјељце.






