Капитенот на фудбалската репрезентација на Ерменија, Вараздат Харојан, кој играше против Македонија во Лигата на нациите на 5 септември во Скопје, се откажа од трансфер во Грција за да учествува во војната против Азербејџан.



Откако му истече договорот со рускиот суперлигаш Урал, 28-годишниот централен дефанзивец договори премин во грчки АЕЛ, но се врати во татковината и одговори на поканата за мобилизација.

„Харојан нема да дојде на потпишување на договорот. Се надевам дека ќе соработуваме во иднина, но тој не знае кога повторно ќе игра фудбал. Ерменија влезе во војна, а тој одговори на поканата за војска, зеде пушка в рака и оди да ги брани своето семејство и својот народ“, му рекол менаџерот на Харојан на претседателот на АЕЛ, Алексис Кујас, пренесуваат грчките медиуми.

Пред пет дена се реактивира воениот судир меѓу двете некогашни советски републики за регионот Нагорно Карабах.