„Канонада“ и од Демократскиот сојуз на Косово врз Курти: Наместо да ги решава животните проблеми на Косовците, изигрува историска личност!

„Наместо да се занимава со животните проблеми на граѓаните на Косово, Албин Курти изигрува историска личност на Албанците и се претвора во чинител на раздор меѓу нив кај и да живеат. Сега се обидува да внесе раздор и меѓу Албанците од * Македонија.“ – ова е жестоката реакција на Демократскиот сојуз на Косово, една од најголемите и најстари политички партии во Косово, на адреса на Албин Курти, лидерот на нивниот политички противник – владејачката партија „Ветвендосје“ („Самоопределување“), по неговата вчерашна „политичка екскурзија“ во Чаир и Тетово и средбите со албанската опозиција од Македонија.



Реакцијата на Демократскиот сојуз на Косово ја изнесе неговата портпаролка Сибел Халими на својот фејсбук-профил, а ја пренесе влијателниот косовски весник на албански јазик „Бота сот“ во својата информација со наслов „Халими: Албин Курти врши раздор меѓу Албанците каде и да живеат“.

„Бота сот“ пишува: „Портпаролката на Демократскиот сојуз на Косово Сибел Халими реагираше по посетата на премиерот на Косово Албин Курти на * Македонија. Преку објава на својот фејсбук-профил Халими напиша дека Курти го подели косовското општество на два дела, а сега ги учи на тоа и Албанците од * Македонија. „Според неа, Курти се претвора во чинител на раздор меѓу Албанците каде и да живеат во нивните простори.“

„Во својата објава на фејсбук Сибел Халими истакнува: ‘Откако го подели косовското општество на два дела, се обиде да го истори истото тоа во Албанија, но не успеа. Сега ги учи на тоа и Албанците во * Македонија. На Албин Курти не му паѓа на ум да се занимава со животните проблеми на граѓаните на Косово, туку тврди дека станува историска личност на Албанците, според неговите популистички амбиции. Но, тој е заложник на историцизмот и се претвора во чинител на раздор кај Албанците каде и да живеат во нивните простори.“

Инаку, Албин Курти од вчера е изложен на тешка „канонада“ од „политичката артилерија“ на партиите од Косово. Претседателот на Алијансата за иднината на Косово Рамуш Харадинај им порача на Албанците во Македонија дека не треба да му веруваат на „измамникот Албин Курти“. Вака Харадинај реагираше на обраќањето на Курти при вчерашната посета на Тетово, каде што рече дека патот Призрен-Тетово, како регионален проект, е многу важен и оти придонесува за развојот и на Косово и на Македонија.

Харадинај на својот фејсбук-профил, објави дека сите проекти и патишта на Косово се блокирани. „Не му верувајте на измамникот Албин Курти. Сите патишта и проекти се блокирани во Косово, вклучително и патот Плав. Бидејќи веќе не може да ги лаже граѓаните на Косово, дојде да ве излаже и вас, зборувајќи за патот Тетово – Призрен. Истото се обидел да го стори и во Албанија, но не му поверувале и го избркале. Не потпаѓајте на неговите трикови.“ – напиша претседателот на Алијансата за иднината на Косово Рамуш Харадинај на фејсбук.

Дали по овие напади врз Албин Курти албанската опозиција во Македонија ќе изврши соодветно менување на својата позиција наспрема него, или ќе продолжи да контактира и да соработува со него како со „премиер на сите Албанци, вклучувајќи ги и Албанците од * Македонија“, како што го возвеличи Билал Касами, лидерот на Беса и градоначалник на Тетово во една политичка квалификација со тон на додворување?