Претседателот Стево Пендаровски со указ го назначи професорот Љубомир Фрчкоски за ополномоштен амбасадор на Македонија во Организацијата на Обединетите Нации во Њујорк, објави Канал 5, откако ова им било потврдено од Кабинетот на претседателот.
Претседателот на собраниската комисија за надворешни, Антонио Милошоски не отстапуваше од намерата да го спречи испраќањето на Фрчкоски во Њујорк, со образложение дека тој еднаш бил одбиен од САД за амбасадорско место во Вашингтон.
Според Кабинетот, постапката за именување амбасадор завршува со одбраната на тезите на кандидатот пред колегиумот на Министерството за надворешни работи, а тоа, подвлекуваат, Фрчкоски го има направено уште минатата година.
– Индикативно е што во изминативе десетина месеци, на осум кандидати за амбасадори им беше овозможено да ги презентираат своите тези пред собраниската комисија, само за кандидатот за амбасадор при нашата мисија во Обединетите Нации таква седница воопшто не беше закажана, велат за МИА од Кабинетот на претседателот Пендаровски.





