Среде игнорирањето на вчерашната 160-годишнина од објавувањето во Загреб на Зборникот на народни умотворби на струшките браќа Константин и Димитар Миладинови, хрватскиот македонист Горан Калоѓера се спротивставува на бугаризирањето на нивното дело.
„Неверојатно, но вистинито. Не ми е јасно поради што ние научниците, мислам на оние ориентирани кон македонистиката, секогаш мораме во своите текстови да почнеме ‘аб ово’. Гледам дека тоа го прават Наташа Котлар, Катица Ќулавкова, претседателот на МАНУ и други. Секогаш од почетоците. Па, зарем никој не е свесен за тоа дека сме во 21. век и оти минатото е апсолвирано и протолкувано? Очигледно, не за сите. Што е кома.
Што се однесува, пак, до Зборникот на браќата Миладинови, кој излегува под изворниот наслов ‘Бугарски народни песни’, напишани се петстотини написи и книги кои тоа многу релевантно го објаснуваат и научно го побиваат тој наслов. Ајде, одиме ‘аб ово’ за неверните души, скептиците и политичарите. Во Загреб на 24 јуни 1861 година е објавен Зборник на народни песни кои ги собрале браќата Миладинови со соработниците, главно нивни следбеници и ученици на постариот брат. Во Зборникот на 533 страници голем формат има вкупно 660 песни, од кои 584 се изворно македонски и 76 бугарски, кои присилен од Штросмаер ги купил помладиот Миладинов од Бугаринот Чолаков за да му се даде ‘лажен легитимитет’ на Зборникот и на неговиот неадекватен наслов. И што тука не е јасно, ја прашувам цела Македонија, онаа која е за Заев и таа против него. Зборникот е чисто македонски, тоа е видливо и од Марс.
Во суштина, виновниците на неадекватниот наслов на Зборникот ги гледам во бискупот Штросмаер и во неговиот советник, историчарот Рачак, кој во рамките на турската империја немал можности ни знаење да го препознае македонскиот идентитет, иако во своите текстови ги употребува термините Македонија и Македонци. За Штросмаер, тој поим бил поврзан со Грците и поради тоа, во што сум длабоко уверен, никако не сакал да ги прифати сугестиите на Константин Миладинов Зборникот да се нарече македонски. И што можел Константин освен да ги прифати сугестиите и притисокот на моќниот бискуп, кој од лично незнаење и од личен интерес за унијатење на православието, се залагал за термините ‘бугарски и Бугарин’. Под негово влијание паѓаат двајцата браќа – еден, постариот, кој е уапсен како руски шпион, другиот како можен претставник на унијатското движење.
Да бидеме грубо реални. Миладинови им пречеле на многумина, како на домашните трговци и на буржоазијата, така и на Грците, Бугарите и Турците. Навистина, Австроунгарската монархија нешто се трудела да ги спаси, како и Штросмаер, кога сфатил дека во суштина го пратил Константин во смрт, предлагајќи му да стане ширител на унијатството, на унијатското движење, иако одлуката да појде кај брат му била исклучиво на Константин. Со оглед на дипломатската преписка околу апсењето и насилната смрт на овие двајца луѓе, очигледно е дека биле важни учесници во можните историски пресврти во Македонија и оти требало да се елиминираат. Ни прв ни последен пат во постарото и во поновото минато.
Но, Зборникот останува чист, ако се исфрлат оние 76 непотребни бугарски песни. Тој е изворно македонски зборник и тука нема дискусија“, категоричен е поранешниот почесен конзул на Македонија во Хрватска.






