Славистот и македонист Горан Калоѓера, поранешен почесен конзул на Македонија во Хрватска, во статус на фејсбук се осврнува на односот на македонските политичари кон небулозите од Преспанскиот договор во врска со Македонците од егејскиот дел на Македонија.
„Мачно ми е да слушам и да читам како денес насловената Македонија со нејзините политички лидери се одрекуваат од сè во врска со Егејска Македонија. За денешните Македонци тоа е, според ‘договорот на Македонија и Грција’ забранета тема. Но, и не е токму така. Кога политичките (тотално необразовани) македонски елити малку, само малку би се впуштиле во читање на врвните македонски историчари на книжевноста, би се увериле во каква заблуда живеат и какво е тоа одрекување од ткивото на македонската нација. Читајте го Гане Тодоровски, кој пишува: ‘Таму (во Егејска Македонија) се родени прваците на македонскиот препород и на Илинденското востание, Гоце Делчев, Димо Хаџи Димов, Крсте Мисирков, Георгија и Славко Динкови, Ангел Жаров, Стојан Христов, Лазар Поп Трајков, па илинденските херои Чакаларов, Кљашев, Москов, Таската Серски, па Мирка Гинова и други. И тоа е несоборливо и нема таков договор што може тоа да го негира. Да се одречат од своите национални херои родени во Егејска Македонија можат само примитивни, недоучени и продадени личности.
Што се однесува, пак, на книжевноста, денес во современата македонска книжевност учествуваат дваесетина автори кои се родени во егејскиот дел на Македонија (денес Грција). Станува збор за книжевност главно напишана на македонски, делумно на бугарски, на албански, на грчки и на други јазици. Ние во Хрватска ги третираме тие писатели како ‘книжевници меѓу две татковини’ или како писатели во егзил. Оној момент кога Хрватска стана самостојна и независна република сите тие станаа дел од хрватската книжевност.
Неспорно е за сите нас што се занимаваме со македонската книжевност дека ‘егејската тема’, која како такво име Ташко Георгиевски ја отфрла, сепак, е еден нов книжевен топос и специфична вредност на македонската книжевност, посебно на македонскиот роман. Она за што пишуваат (треба да се прочита) Паскал Гилевски, Ташко Георгиевски, Петар Ширилов, Ката Мисиркова, Иван Чаповски, „неспорно е ново тематско подрачје во македонскиот роман, кое ги претставува животот и судбината, колективната и личната трагедија на луѓето во Егејска Македонија во последната војна и по неа. И сега да се одречеш од тоа, во чие име, зошто, поради што… исклучиво од човечка глупост и лични причини“, вели професорот од Универзитетот во Риека.





