Хрватскиот славист и македонист Горан Калоѓера почнал да го чита бугарскиот меморандум за „македонското прашање“ и престанал, бидејќи, како што вели, немал стомак за да го свари.
„Почнав да го читам бугарскиот меморандум и многу брзо престанав. Едноставно, јас немам стомак за тоа. Немам ни намера да одам на долго и на широко, бидејќи нема потреба за тоа.
Впрочем, за македонско-бугарските односи, првенствено низ призма на книжевноста и на јазикот пишував во книгата ‘Прилози кон истражувањето на македонската историја на книжевноста’. Текстот носи наслов ‘Бугарско-македонски разидувања’ и тука пристојно ги анализирав нивните односи, уважувајќи ги литературните вредности на двете книжевности.
Што се однесува, пак, до Меморандумот, треба да се истакне, макар и по стоти пат, бидејќи повторувањето е многу важно, дека македонската нација, како и останатите словенски нации, почнала да се создава во текот на 19. век во значително потешки услови отколку на соседните народи, на пример Словенците, Хрватите или Србите. Денационализацијата на македонскиот народ во текот на 19. век доби широки размери, но тоа не беше случај само со Македонија. Ми паѓаат на памет стиховите на загрепскиот клерик Павел Штос, кој во својата песна ‘Статуата на татковината’ на кајкавски го искажал своето видување за обидот за денационализација на Хрватска: Narod se drugi sebi raduje / a z menum sinko moj se sramuje : / Vre i svoj jezik zabit Horvati / Hote ter drugi narod postati /… (дваесеттите години на 19. век).
Што се однесува, пак, до Македонците, наведувам цитати само на двајца кои и тоа како биле свесни за себе како Македонци. На прашање од свештеникот на киевската соборна црква ‘Света Софија’ Константин Миладинов одговорил дека не е Грк, туку Македонец. Другиот, пак, Ѓорѓи Пулевски, бил уште подециден: ‘Македонците се народ и нивното место е Македонија’.
Оттаму, да се пишува за Македонците како политичка творба на Ј.Б.Тито се неосновани небулози и злонамерно непознавање на историскиот развој на македонскиот етнитет“, заклучува поранешниот почесен конзул на Македонија во Хрватска.






