Калоѓера: „Негирањето на Македонците во Бугарија и Грција е врвна будалаштина, или безобразно игнорирање на сонародниците“

„Гледам дека мојот претпоследен напис за македонското малцинство во Бугарија и Грција предизвика значително внимание. Секако дека останувам на својот став дека постои македонско малцинство во Бугарија и во Грција, но и во целиот свет. Да се негира тоа е рамно на врвна будалаштина, или безобразно игнорирање на своите сонародници, кои живеат во другите држави, соседни, но и натаму: во САД, Австралија, Нов Зеланд…“ – пишува Горан Калоѓера, хрватскиот славист и македонист, професор по македонистика и кроатистика на Универзитетот во Риека, Хрватска, и член на Македонската академија на науки и уметности, на својот фејсбук профил.

Во својата објава проф.д-р Калоѓера натаму вели: „Постоењето на македонската дијаспора е исклучително видливо во македонската книжевност. Македонци, склони кон перото и пишувањето се појавуваат во другите држави на два начина: или пишуваат на својот мајчин јазик, или го прифатиле јазикот на државата, во која се инкорпорирале и ги прифатиле сите нејзини вредности. Вапцаров, Спространов, Марковски, Рацин, Крстиќ … биле луѓе, кои немале можности да пишуваат во својата земја на својот јазик и тогаш се свртеле кон другиот јазик, но ова нив не ги прави предавници. Тоа не ги прави нив нималку да се помали Македонци. Тоа се луѓе од перо, кои, користејќи ги стандардните јазици во државите, во кои живееле, проговарале за Македонија и за Македонците, докажувајќи го македонското постоење ширум светот. Затоа кога говорам за малцинствата во соседните држави, тогаш ја говорам вистината.“

„Имам неколку пријатели во Риека, кои како деца – бегалци од Егејска Македонија дошле во Риека. Сум ги читал Божин Павловски, Стојан Христов, Вапцаров, Прличев, Рацин и можам интуитивно да ја споделам болката на писателите во егзил, кои се мачат во туѓината и низ своите стихови, или низ прозата, проговараат за носталгијата за својата земја. Сетете се само на ‘Т’га за југ’! Малцинствата се богатство, како и дијаспората и тие мораат да бидат вклучени во животот на матичната држава. Поинаку нема!“ – заклучува Горан Калоѓера во својата објава на фејсбук.

Калоѓера во својата претпоследна објава на фејсбука беше категоричен во аргументирањето и одбраната на своите ставови: „Секако дека има национално малцинство од Македонци во Бугарија, како и национално малцинство на Македонци во Грција. Фактот што овие земји и нивните режими се поставија да го игнорираат постоењето на македонското малцинство во нивните земји е вистински доказ за нивната експанзионистичка и нетолерантна политика кон едно малцинство во нивните земји, што не е во согласност со проевропските политики што ги заговараат. Негирањето на едно национално малцинство, го земам примерот со Бугарија и Грција, е геноцидна и фашистичка ориентација на тие, ајде да ги наречеме ‘европски земји’, кон земја која не е членка на ЕУ.“

„Тажно и предавнички е како актуелната власт реагира на прашањето за националните малцинства во земјите со кои имаат политички и геополитички проблеми. Срамни се потезите и односот на македонската политичка елита, која не застанува во одбрана на своето малцинство. Македонците не живеат и постојат само во Македонија, туку во целиот свет и се борат за своите права, но и за правната држава, која денес несреќно (се продава) се нарекува с.Македонија. Малцинствата се важни, не треба да се запоставуваат, туку треба да се прифатат во рамките на матичната држава. Се друго е обична лага и предавство на националните интереси.“ – обвини Горан Калоѓера.