Хрватскиот македонист Горан Калоѓера во подолга објава на Фејсбук реагира за најновото оспорување на македонскиот јазик и на малцинството во Бугарија.



„Моите затворенички (мисли на карантинот – н.з.) денови ги развеселува бугарскиот Парламент со небулозите за македонскиот јазик, за непостоењето на македонското национално малцинство во Бугарија и за ревидирањето на историјата, барајќи во македонските учебници по историја да се сторнира поглавјето (историската вистина) дека во текот на Втората светска војна бугарската војска била окупаторска во Македонија. Ако тоа официјалната власт во милата им Македонија не го прифати, нема ништо од пристапувањето во ЕУ. А тамам е потпишан договорот за пријателство меѓу Бугарите и Македонците. Прекрасно ли пријателство! Ова да не е опасно, би било смешно, но причини за смеење овде нема. Ова се сериозни работи, кои одамна ги предвидов и реков дека македонскиот пат кон ЕУ ќе биде поплочен со солзи, мака и јад. И ете тоа се обвистини“, вели поранешниот почесен конзул на Македонија во Хрватска.

„Ја поздравувам декларацијата на група интелектуалци, кои со своето писмо до ЕУ научно ги негираат сите бугарски небулози, кого го интересира тоа. Актуелната власт ни најмалку. Жално е тоа што се случува во Македонија, како да се проклет народ, никако да се изборат за својата правда, првенствено благодарејќи на актуелните властодршци и на апатијата на македонскиот народ кон сето она што му се случува. Свесен сум дека со овие кратки осврти не можам ништо да променам, но ме растажува молкот и апатијата што владеат во Македонија“, додава основачот на Лекторатот по македонски јазик на Универзитетот во Риека, прашувајќи дали ако се прифати ова бугарско барање кон ЕУ („во што се сомневам, има таму паметен свет“) тој ќе стане „лекторат на официјалниот јазик што се користи во РСМ“.