Калоѓера: Климент Охридски, сесловенски, а посебно македонски

Хрватскиот македонист Горан Калоѓера се осврна на ликот и делото на Свети Климент Охридски, давајќи му македонски предзнак.



„Климент Охридски, сесловенски, а посебно македонски. За мене лично една од најдрагите историски личности на раното средновековие. Бескомпромисен продолжувач на глаголичката традиција во Македонија. Иако сум неверник, тој ми е и најомилениот светец и секогаш кога сум во Македонија го посетувам неговиот гроб. И палам свеќа, за живите и мртвите, можеби нешто и ќе го замолам, кршејќи го со тоа моето безверие, но тоа е, сепак, Климент. Билкар, лекар, писател на црковни текстови, поет, педагог, учител, политичар, црковен поглавар.

Зошто македонски? Многу едноставно, бидејќи ги одбива понудите од бугарскиот двор, го одбива Преслав, го одбива кирилското писмо и оди во самиот центар на Македонија, Кутмичевица, потоа во Охрид, каде што создава чуда на наставно, едукативно, јазично, лингвистичко и книжевно поле. Гигант на раното средновековие, јасновидец, мудрец, филозоф, личност од исклучително значење за словенскиот свет, а посебно за едно негово племе – македонското!“, напиша поранешниот почесен конзул на Македонија во Хрватска за патронот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.