Хрватскиот македонист и поранешен почесен македонски конзул во Риека, Горан Калоѓера, уште еднаш го крена гласот против бугаризирањето на средновековните историски личности од Македонија, посебно на светите Климент и Наум Охридски.
„Секогаш реагирам кога нешто ме поттикнува за тоа. А сега тоа е таа несреќна бугарско-македонска комисија, која со своите соопштенија и понатаму предизвикува забуна во научните кругови, и тоа на штета на македонската страна, односно на нејзината историја.
Како прво, ако основате една таква комисија, тогаш се сомневате во својата историја, во своите историски истражувања, во своето минато и ги ослабувате своите позиции пред другата страна, која тоа обилно го користи, на крилата на политиката и на можноста на бугарската држава на секој можен начин да го попречува влезот на Македонија во ЕУ.
Понатаму, зошто во таа ‘комисија’ нема познати македонски стручњаци, врвни историчари и историчари на книжевноста, првенствено Митко Панов, Наташа Котлар и исклучителниот познавач на средновековието Илија Велев? Веројатно, не се по волја на политиката? Страшно. Уште еден доказ дека политиката и политичарите ги влечат сите лостови и науката се става во втор план, особено оние нејзини претставници кои сите тие бугарски небулози можат да ги фрлат во прашина.
‘Препораките’ на оваа наречи ја ‘комисија’, кои политичарите ќе ги одобрат, се силен и алинеациски удар врз македонското минато. Македонските ученици ќе ја учат историјата што им ја наметнала политиката, ќе го изгубат контактот со своето наследство и ќе станат тоа што го сака политиката, ‘безлични Македонци’, збунети и изманипулирани. Не би ги коментирал сугестиите и предлозите на оваа комисија, но морам да се осврнам на некои личности.
Прво, Самуил, кој неспорно бил силен средновековен владетел, кој на неговиот двор бил опкружен како од грчката аристократија, така и од бугарската и од македонската. Неговото потекло и понатсаму е проблем за истражувачите, но не го сметам за толку важно за историјата на Македонија.
Што се однесува до светите Кирил и Методиј, јас ги гледам како деца од ‘мешовит брак’, чија мајка очигледно била од родот на македонските Словени. Нивното дело е важно за историјата на сите словенски народи и мислам дека е тешко да ги присвојува кој било, бидејќи нивното дело и мисијата за ширење на христијанството им припаѓаат на целиот словенски свет. Но, не треба да се занемари темелната спојка што ги поврзува со македонските склавинии, а тоа е народниот говор, од кој произлегува глаголското писмо, за која не сакаа да слушнат ниту Бугарите, ниту бугарската влада.
Климент и Наум не би им ги предал за жива глава, затоа што тоа е бесрамна узурпација на македонската најрана историја, во која и двајцата глаголисти ги продолжуваат Кириловата намера и дело, и со душа ги одбиваат бугарските кнезови и Преслав и одат во делот на Македонија за кој знаеја дека е населен со македонско население. Членовите на фамозната Комисија очигледно знаат дека Климентовиот книжевен круг се залага за првобитната словенска ‘азбука’ што ја составил Кирил. Оттаму, не е случајно што најстарите зачувани словенски ракописи од македонско потекло од крајот на X и почетокот на XI век се напишани на глаголица. За разлика од нив, бугарскиот Преслав, кој Климент и Наум го одбиваат, работи на форсирање на онаа ‘азбука’ која подоцна ќе биде наречена кирилично писмо.
Верноста кон глаголичката традиција, одбивањето да му служи на бугарскиот кнез во Преслав (се разбира со голем ризик, но Климент бил толку силен што бугарските кнезови не му можеле ништо), најмногу укажува на поврзаноста на Климент и на Наум со Македонија, затоа секое нивно присвојување е научна кражба и безобразие недостојно за академски интелектуалци.
Не сакам да продолжам, но морам да го истакнам следното – присвојувањето на браќата Миладинови, особено на Константин, првиот докажан македонски патриот, будител и романтичарски поет, е воено злосторство во научна смисла. А за тоа се плаќа, порано или подоцна“, порачува на Фејсбук надворешниот член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).





