Калоѓера до Македонците: Збијте ги редовите и бидете единствени, докажете дека сте народ со ум и со срце, и покрај сè

Хрватскиот славист и македонист Горан Калоѓера, поранешен почесен конзул на Македонија во Риека, со нова порака до македонскиот народ.



„Отсекогаш сум велел и пишувал дека не мразам народи, туку ги осудувам нивните властодршци и нивниот однос кон соседите. Останувам на тоа и денес. Го презирам односот на грчките, бугарските власти кон Македонија, а ни малку не ги симпатизирам албанските територијални и други претензии кон земјата што ја сакам и почитувам. Секогаш си го поставувам прашањето зошто Македонија е толку виновна што сите ја присвојуваат, загрозуваат, уценуваат, притискаат, со една единствена тенденција – да ги избришат како народ кој живее на својот географски регион.

Не ѝ верувам во Европската Унија од една единствена причина – бидејќи не го знае континуитетот на развојот на македонската национална мисла низ вековите и нема поим за тоа. Американските властодршци ги сфаќам, Македонија е уште една во низата сфери на интерес и треба да се зачува, но како. Тука познатата американска демократија потфрли, интересите пред сè, но до кога. Не може тоа така постојано, ниту американските амбасадориможат да владеат со Македонија.

Круцијална грешка на македонскиот народ е неговата поделеност, впрочем ова убаво го елаборираше професорката Улчар. Македонија е богата земја, земја на пристојни и учтиви луѓе, кои долго трпат, уште од турско време. Нели е време за целосно да се прифатат одлуките на АСНОМ, да се стави точка на македонскиот идентитет и да се признае нивниот литературен јазик, на кој се напишани илјадници научни и уметнички текстови! Нели е време бугарската власт да се повлече и да си ја гледа својата работа, наместо да ја присвојува Македонија, што нема никаква научна основа. Нели е време грчката власт да го признае македонското национално малцинство во Грција и да се посвети на себе и на своите проблеми.

На ридестиот, опасен и запаллив Балкан, Република Македонија повторно се издвојува како проблем, јас не гледам зошто. Повторно европската дипломатија се занимава со Македонија, како во турско време, а Македонија повторно ќе го плати данокот, без никаква потреба.

Како долгогодишен познавач на македонските состојби, посебно на книжевноста и на јазикот, и како надворешен член на МАНУ, повторно го кревам гласот – оставете ја Македонија на мир, а мојата порака до Македонките и до Македонците е – збијте ги редовите и бидете единствени, одеб… ги сите тие арамиски политичари и докажете дека сте народ со ум и со срце, и покрај сè“, му порача Калоѓера на народот што го сака и чии национални интереси постојано ги застапува.