За хрватскиот македонист, надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и поранешен почесен конзул на Македонија во Риека, Горан Калоѓера, нема дилема чиј национален херој е Гоце Делчев.
„Денес кај нас, во Хрватска и надвор од неа, слушам разни приказни за тоа како историјата треба да се заборави и да се оди напред, неоптоварени со ‘гревовите или благодетите на историјата’. Како стар ученик и член на генерацијата која студирала историја, се одушевувала или разочарувала, останувам упорен на фактот дека ‘историјата е учителка на животот’ и дека мора да се придржуваме до неа, ако сакаме подобра или некоја ‘посветла’ иднина. Веднаш да се разбереме, не верувам во посветла иднина, неа ја нема ниту ќе ја има, впрочем, за тоа ни сведочи актуелната историја. Но, историјата, минатите времиња, не треба да се заборават, таа да се толкуваат разумно и да се дозволат сите можни корекции, кои се неопходни во науката.
Исто така на секој народ треба да му се остават неговите историски великани, како на Србите, Словенците, Црногорците, Хрватите, Чесите итн. На Македонците не им е дозволена таа привилегија. И тоа ме плаши. Нивните историски величини од Климент, Наум, Делчев, Мисирков, Карев и други, слични на нив, кои го изразија својот патриотизам во дадени историски моменти. Повторувам, секој народ има право на свои историски личности, кои во одреден момент го дале својот живот или со труд и дела дале прилог во создавањето на независна и слободна Македонија. Тие луѓе треба да се ценат.
И ми беше драго што ги прочитав текстовите за поддршка на годишнината од смртта на Гоце Делчев. Делчев е неспорно македонски херој, даскал, војсководец, идеолог и жртва на предавство. Да го оставиме тоа каде е роден, во кое училиште се школувал итн… битни се неговиот животен пат и повик, а тоа била слободна и независна Македонија. На тоа го подреди својот живот и тоа треба да се почитува. И мило ми е што тоа го прават Македонците и Македонките. И треба, бидејќи Гоце Делчев е великан на поновата македонска историја. Слава му и чест!“, напиша Калоѓера на Фејсбук.





