Ќерката на 58-годишниот Македонец прободен од Србин завчеравечер на Малта не може да се изначуди на леснотијата со која напаѓачот посегнал по ножот и тешко го повредил нејзиниот татко, кој се нашол во погрешно време на погрешно место.
Како постар човек, тој се обидел да ги смири Србинот и 30-годишен маж, кои се расправале, се повикува на сведоци на настанот ќерката, која напаѓачот го идентификува како Милош Видаковиќ од Крушевац, кој пред десет години извршил убиство во Србија!
„Сведоците раскажуваат дека тој во понеделникот навечер дошол на местото дрогиран како коњ, почнал да тепа некој тип на околу 30-годишна возраст, а татко ми станал и им рекол да престанат да се расправаат. Арно ама, Милош здивел што некој му се меша и го удрил со бокс, овој му вратил и настанала мешаница бидејќи и други луѓе се вмешале во одбрана на 30-годишникот. Нервозен дека некој му се спротивставува, напаѓачот заминал и по две минути се вратил со нож, свесно и безмилосно мавтајќи со него пред да прободе“, ја изнесува таа верзијата на немилиот настан што ѝ била раскажана, а до која дојде expres.mk.
Прободениот Македонец бил примен во болница со многу изгубена крв, со внатрешно крварење и со оштетен црн дроб.
„Имаме информации дека психопатов денеска без никаква совест бил и на работа. Кога отишла полицијата да го бара на работното место, од таму рекле дека не го познаваат, за да се заштитат себеси оти типов е на црно тука. Зошто е на црно? Поради тоа што веќе има едно убиство зад себе: го убил зетот пред 10 години! Какви психопати шетаат меѓу нас“, (се) прашува ќерката на 58-годишната жртва на насилство во Бугиба.
Организацијата „Македонска заедница во Малта“ веќе реагирала кај тамошните власти за инцидентот.
(Фотографијата е од Фејсбук-профилот на Видаковиќ, кој самиот го избришал)




