„Некогаш во Охрид беа поставени темелите на мирот и еднаквоста на нашата земја, додека денеска во Охрид на Самитот на ‘Отворениот Балкан’ со мојот пријател Еди Рама, премиерот на Албанија, започнуваме ново поглавје, поглавје за унапредување на националната соработка и на развојот на нашите земји во европски дух. Заедно силно испраќаме порака дека и припаѓаме на Европа и оти нема враќање од овој пат!’ – нагласува лидерот на ДУИ Али Ахмети во својата објава на фејсбук по средбата со Рама.“ – извести информативната агенција на албански јазик „Журнал“.
„Журнал“ пишува: „Ахмети се сретна со албанскиот премиер Рама денеска во рамки на состанокот на врвот на ‘Отворениот Балкан’ во Охрид. Првиот човек на ‘интегристите’ изрази задоволство што и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ се придружи на масата на пријателството. ‘Се надевам дека со конструктивниот пристап на соработка, што с.Македонија веќе го има воспоставено со Црна Гора во сите области, ќе ја продолжиме и ќе ја унапредуваме соработката, со цел да ги урнеме ѕидовите на застојот меѓу земјите од регионот и за да се оствари заедничкиот сон за европските интеграции.’ – посочи, меѓу другото, Али Ахмети.“
Инаку, останува дилема: на што мислел Ахмети со својот категоричен став дека „нема враќање назад од овој пат“, бездруго од европскиот пат? Дали е тоа и упатување порака некому? Ахмети и на 5.јуни, на одбележувањето на 20-годишнината од постоењето на неговата партија, кажа дека „нема враќање назад“: „Интеграцијата во земјава наметна и регионална интеграција преку нашата политика, нула отворени спорови со соседите и поставување црвени линии за нашата партија кои се: Охридскиот договор, Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство. Од овие црвени линии нема враќање назад и кој сака да биде партнер со нас, мора да ги почитува овие принципи“.
Во пресрет на средбата на врвот и на ЕУ на 22 јуни, кога ќе се дознае дали Бугарија ќе го крене, или не, своето вето за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, дали Али Ахмети порача денес од Охрид дека „нема да има враќање назад“ особено од „добрососедскиот договор“ со Бугарија и во случај Софија да си остане на својата политика да мора прво да бидат прифатени нејзините уцени, условувања и понижувања на Македонија и Македонците, во замена за „да“ за датумот? Значи, порачува ли Ахмети дека нема „враќање назад“ од „добрососедскиот договор“ со Бугарија, за што веќе зачестуваат такви барања во македонската јавност, ако остане бугарското вето и ако не се добие датумот за европреговорите? Дали Ахмети е запознат со фактот дека двата „добрососедски договора“, и со Бугарија и со Грција – „црвените линии за ДУИ од кои нема враќање назад“ наидуваат на се посилни реакции кај мнозинството од македонскиот народ, кој нив ги доживува како закана за постоењето на неговиот идентитет, јазик и историја?





