Каков оптимизам: Ковачевски пак ќе бил премиер

Од каде го црпи оптимизмот Димитар Ковачевски? Денеска повторно изјави “Јас ќе бидам повторно премиер и проевропската влада која ќе ја предводам ќе биде онаа влада која ќе обезбеди членство за земјата во ЕУ до 2030 година”. Не му е прв пат на претседателот на СДСМ да каже вакво нешто – спротивно на сите анкети на јавното мислење.



Тој е убеден дека СДСМ и проевропската коалиција на изборите ќе добијат многу повеќе од 61 пратенички мандат колку што е потребно за составување на новата Влада.

„За формирање на влада согласно важечките закони во земјата, потребно е мнозинство од 61 мандат, а СДСМ и проевропската коалиција ќе имаат и многу повеќе пратенички места, што ќе обезбеди и продолжување на европскиот пат, но и непречено спроведување на политиките кои ќе значат подобар живот за граѓаните. Погледнете што сè постигнавме изминативе години дури и во услови на активна блокада на Собранието од страна на опозицијата. Јас сум убеден дека во следниот мандат ќе постигнеме и многу повеќе и тоа ќе биде многу побрзо, за да можат граѓаните што поскоро да ги почувствуваат придобивките од евроинтеграцијата и правилните политики кои ги спроведува СДСМ. На парламентарните избори ќе победи СДСМ и проевропската коалиција, а јас ќе бидам повторно премиер”, посочи Ковачевски во интервју за “Слободен печат”.