Зошто „научното толкување на историските настани“ би им било доверено само на еден тесен круг претставници на научната заедница делегирани од двете влади, а не би се одвивало во рамките на широката научна заедница, домашна и меѓународна?
Ова е едно од прашањата што ги поставува академик Катица Ќулавкова во колумна во „Нова Македонија“. Ќулавкова пишува:
„Зошто толкувањето на историските настани треба да биде ставено во строги временски рамки и под притисок на рокови кои се ирелевантни за науката?
Зошто се поврзуваат историските и образовните прашања, односно науката со образовната политика? Зошто науката треба да им реферира на годишно ниво на владите како да се тие некои повисоки научни инстанци?
Дали членот 8 (од Договорот за добрососедство) создал услови за контрола на научната мисла и однапред ја одредил вистината за ‘заедничката’ македонско-бугарска историја како ‘бугарска’? Геополитичките стратегии, имено, ги предвидуваат потезите однапред, затоа и се темелат врз ‘визијата’, или крајната цел која треба да се постигне на одреден начин, во одредено време, со помош на одредени инстанци, лица и алатки?
Ваквиот договор, со еден израз, ја одредува стратешката цел – ревидирање на ‘заедничката историја’ како автентично и целосно бугарска. Тој израз е рефлексија на новиот пристап кон историјата, кој ќе го одреди и пристапот кон иднината.
Тој нов пристап е политички и геостратешки, тој ја одредува новата епистема или научна парадигма, следствено и ја воведува сѐ до степен на официјално инсталирање – новата слика за историјата, новиот историски наратив на македонската историја како бугарска“.





