Во сведоштво на поранешен високопрофилен судија од Белград кое го пренесува весникот Неделник се откриваат методите со чија помош се врши притисок врз судиите во Србија а кои се добро познати и во Македонија и целиот регион.
Текстот кој го пренесуваме интегрално од српскиот Неделник дава приближно слична слика со состојбите во правосудството го Македонија каде деновиве беше објавено дека судија претседател на Кривичен суд барал 50 илјади евра мито а претходно бизнисменот Орце Камчев беше притворен со лажна белешка од Агенцијата за национална безбедност АНБ.
Дел од сведоштвото во кое можат да се препознаат и многу македонски судии, политичари и обвинители во продолжение:
Текстот е напишан од српскиот новинар Душан Телесковиќ.
ПРАВДА ПОД ПРИТИСОК
„ЗАРЕМ ЈАС МОРАМ ОД ВЕЉОВИЌ ДА ДОЗНААМ ШТО ПРАВАТ СУДИИТЕ?“
Како судијата суди и пресудува отсекогаш е прашање кое ја интигрира јавноста. Не секогаш е најјасно кои се тие луѓе кои ја имаат таа моќ преку толкување на законот, да одредат судбина на многумина, да затворат човек на многу години или да го ослободат од секое сомнение. Ниту баш секогаш не е најјасно со кои критериуми се воделе кога носеле такви одлуки.
Деновиве од печат излезе книгата „Под притисок“, од поранешниот судија и претседател на Специјалниот суд Владимир Вучиниќ, во издание на „Лагуна“.

Вучиниќ е прилично познат во јавноста, и тоа како судија кој водеше некои од правно најинтересните случаи во српската правосудна пракса.
Никогаш не бегал од „вжештени компири“. Судеше во најобемниот предмет во српските судови – процесот на таканаречената „друмска мафија“, му пресуди на Сретен Јоциќ наречен Јоца Амстердам кога беше обвинет за убиство на загрепскиот новинар Иво Пуканиќ, водеше процес, но не пресуди, за побуната на Единицата за специјални операции (ЈСО).
Како млад присуствувал на бегство на Кристијан Голубовиќ од суд, постапувал во интересни предмети како што е тужбата на генерал Александар Трифуновиќ кој претходно го осудија и во Србија и во Хрватска зошто спасил 280 млади војници. Ги проценувал доказите во случајот „Бодрум“, пар процеси против Чедомир Јовановиќ… На првиот процес, го осуди Дарко Шариќ на 20 години поради шверц на кокаин.
А најпознат случај поради кој денес веќе не е судија туку адвокат, беше процесот против Мирослав Мишковиќ. Кога донел одлука да му го врати пасошот на Мишковиќ за време на процесот, се соочил со силни притисоци. Сменет е од местото претседател на Специјалниот суд.
Се испостави дека судијата кој стои зад својата одлука, колку и таа да не му одговарала на политичкиот естаблишмент, не му е потребен на српското правосудство.
Со дозвола на издавачот и авторот, Неделник пренесува некои од најзанимливите делови од новата книга.
НАЈБОГАТ СУД СО 12 МИЛИОНИ ЕВРА

Дента кога требаше да тргнам на годишен одмор, на 19. јули 2013. година (петок), го повикав на краток состанок својот заменик на ниво на Одделение и колега судија од истиот судски совет Синиша Петровиќ и некои најблиски соработници.
Покрај договорот за работа, со кафе, кое не се однесуваше на моето планирано тринеделно отсуство, посебен нагласок беше на предметот „Мишковиќ“, но и на некои други предмети кои повеќето беа притворски, а воедно и медиумски занимливи.
Само што се поздравив со сите, кога, небаре од врата, Александар Степановиќ (претседател на Вишиот Суд) ме вика кај него во кабинет.
„Ти стигна предлог за банкарска гаранција“, ми соопшти. „Ти си претседател на Советот. Се сеќаваш ли што кажа во врска со потврдувањето? Заврши го тоа, па оди на одмор“. И пак темата беше износот на банкарската гаранција кој очигледно повеќе го интересираше…
… Подобро во тој момент да ме полиеше со кофа студена вода. Тоа што кажа дека стигна предлог за гаранција, значеше дека за банкарската гаранција да не одлучувам подоцна, туку дека морам да разгледам и да решам пред да одам на одмор.
Предлогот беше од итна природа зошто обвинетиот се наоѓаше во притвор, така што целата работа не можеше да чека три недели за да се вратам од одмор. За него по закон одлучува претседателот на Советот…
Ѝ реков на колешката никој да не ме прекинува зошто имам работа. Длабоко се замислив. Олеснително во сето тоа беше што макар ги направив сите подготвителни работи за годишен одмор.
Многумина мислеа дека веќе сум отишол, па никој не ме вознемируваше. Гаранцијата мораше да биде во сооднос со тежината на кривичното дело и имотните прилики на обвинетиот. Тежината на кривичното дело, од севкупното дотогашно искуство и наодите од обвинението, ми беше позната.
Потешко прашање и права непознаница беше какви се имотните прилики на Мирослав Мишковиќ, кого во земјата и регионот го претставуваат како водечки бизнисмен, некои и тајкун. Поради тоа, колку банкарската гаранција би била адекватна на овие имотни прилики, како гаранција дека редовно ќе доаѓа на судења и дека нема да има никакви опструкции?

Имав некои рамковен износ кој му го споменав на вршителот на функцијата, но и натаму се преиспитував дали е соодветен.
Во предметот, покрај предлогот на бранителите Томановиќ и Мараш, кој во таа смисла гласеше на седум милиони евра, немав ниту еден поверлив податок кој би ми ја решил таа енигма.
Меѓутоа, заменичката обвинителка за организиран криминал Тамара Ристиќ, со пишан поднесок, го извести судот дека смета дека понудениот износ од седум милиони евра не е доволна гаранција дека обвинетиот нема да избега. И покрај сè, пред себе имав човек кој според податоците на американскиот бизнис магазин Forbes беше исклучително високо котиран во светот како еден од најбогатите. Ако добро се сеќавам, беше на 60. место, што за мене беше еден неофицијален податок.

Така гледав и јас, всушност одлучив банкарската гаранција некако да ја врзам пропорционално за тежината на кривичното дело преку висината на противправната имотна корист која на обвинетите од обвинението им се става на товар, но и претпоставената имотна прилика на конкретно обвинетиот (врз основа на наведени општепознати непроверени податоци), како и тоа што се земаат во предвид и други услови.
Таа вкупна имотна корист од обвинението кое ако добро се сеќавам беше изразена во динари, според моја проценка или грубо, во противвредност изнесуваше околу триесет милиони евра.
Се определив на крајот конечно за износ од 12 милиони евра, што беше преку третина. Десет, колку што рамковно му спомнав на вршителот на функцијата беше некако премногу округло, предвидливо. Не сакав тоа да го дознае кој било пред време, посебно надвор од судот, односно пред решението да биде експедувано од судот и да стигне до кому е наменето.
Недовербата кон сите кои немаат непосредна врска, во такви ситуации, беше дел од моето професионално искуство, но и битие. Пред решението да тргне од кај мене, непосредно пред печатење и потпишување, го отчукав точниот износ. Ниту кон техничките направи, компјутерот, со сите мерки на заштите кои ги превземаа од нашата IT служба, немав доверба, иако лично во тие луѓе од нашиот суд имав доверба.
Во тој момент бев свесен дека ќе биде убедливо најголемиот познат износ на банкарска гаранција, не само кај нас туку и многу пошироко, можеби во светски рамки.
Му забранив на обвинетиот Мирослав Мишковиќ без одобрение на судот да го напушта своето живеалиште во Белград, со налог повремено, и тоа на почетокот на секој месец да се јавува во полиција поради евидентирање на мерката почитување забрана, и на крајот одредив од истиот привремено да му се одземе патната исправа – пасош, со налог пасошот во определениот рок како решение да се предаде во судскиот депозит.
Во тој момент не можев ниту да сонувам, или да претпоставам дека со потпис на тоа решение ќе си оверам виза за адвокатура.
…Уште еднаш имав намера да отидам кај Степановиќ да му кажам дека работата е готова… Кога влегов кај него во кабинет, кратко му реков дека го завршив решението и кој е точниот износ – 12 милиони евра.
Забележав дека беше видно изненаден. Уште нешто сакав да му кажам, веќе не се ни сеќавам што, веројатно во врска со некои други предмети, но ме прекина на пола збор, го дофати мобилниот телефон и заѕвони. Му рече на некој соговорник: „Преку два!“
Бев запрепастен. Зар јас толку се грижам за довербата што не му верував ниту на својот компјутер, а тој веднаш со телефон ја соопштува мојата одлука на некој надвор од судот.
Можев да претпоставам на кого. Набрзо ми потврди дека се јавил кај некој во Владата, многу близок на тогашниот прв потпретседател, подоцна претседател на државата.
СВЕДОЧЕЊЕ НА ПОРАНЕШЕН СУДИЈА
ВРАЌАЊЕ НА ПАСОШОТ НА МИШКОВИЌ
Редовниот тек на судењето, неочекувано се смени кога ненадејно, на почетокот на декември, поточно 2. и 3. декември 2013. година, стигна молба од одбраната на обвинетиот Мирослав Мишковиќ, од адвокатот Зденко Томановиќ, обвинетиот да го напушти своети живеалиште, за да од 9. до 15. декември во Лондон да присуствува на работни состаноци, важни не само за успешното работење на фирмата „Делта“, со неколку илјади вработени, со кои раководи, туку и со многу други со неа поврзани, воглавном познати фирми.
Вториот ден беше приложен оригинал на повикувачкото писмо. Значи, молбата беше управувана на само неколку дена отсуствување од Белград и Србија, на која требаше да се придодадат деновите поминати во пат.
За таа цел побарано беше на обвинетиот привремено да му се врати патната исправа – пасош. Во случај да ја прифатам молбата, а со оглед на тоа што по закон таа одлука ја носев самостојно како претседател на советот (без судиите членови на советот), требаше само привремено да го суспендирам своето првобитно решение.
И тоа делумно! Поточно, во врска со споменатите дополнителни мерки – забрана за напуштање на живеалиштето и одземена патна исправа. Банкарската гаранција, како главна мерка – 12 милиони евра, немаше да биде пипната!…
… Го погледнав прашално, не затворајќи ги транскриптите од ова второ судење, кои броеја стотина страни.
„Бара да го пуштиме во Лондон“, рече.
„Има ли докази“, прашав.
„Има…“, одговори.
Најпрво ми ги пружи сите листови. Погледнав детално.
Низ глава најпрвин ми помина висината на гаранцијата која што ја положил во касата на судот – 12 милиони евра, потоа дека редовно се јавува на повиците од судот, дека во истата таа постапка на обвинителна клупа и син му Марко, дека донел набљудувачи од странство, експерти, кои го следат судењето.
Од друга страна, предметот беше премногу сложен и како таков неблагодарен за каква било прогноза во поглед на кочениот епилог. Посебно, претпоставката на невиност во која верував не само деклараторно, туку како во потикнувачки принцип во потрага по вистина и правда, и тоа овде ме обврза повеќе да верувам спротивно од вината.
Уште повеќе: во случај Мишковиќ да беше правосилно ослободен, а да не го пуштев, Србија ќе беше обврзана да ја исплати сета пропуштена добит на „Делта“ (!) за таа незавршена работа во Лондон кој не беше ни мал.
Некој тогаш со право би можел да се запраша, кој е тој судија кој и поред сите тие гаранции кои ги одредив и други околности не го пуштил. И покрај се, отсуството би траело помалку од недела дена, после што би го вратил пасошот и се ќе си продолжеше како воопшто да не беше овој прекин. Не видов дека државата Србија може да има каква било штетна последица, макар еден динар, а камоли евро, ако го пуштам.
… Одлуката е извршена веќе во текот на следниот ден. Ако би се гледало формално, по природа беше наредба. Судот сите одлуки ги носи во форма на пресуда, решенија или наредби. Всушност се работеше за најобичен допис, или налог до полицијата на обвинетиот Мишковиќ да му овозможи напуштање на местото на живеалиште и користење на патната исправа, а со тоа и нејзини пасивизирање за време на патувањата во ограничен период од 9. до 16. декември 2013. година.
Ја потпишав одлуката на 5. декември 2013 гоодина (четврток) пред самиот крај на работното време…
Пасошот на обвинетиот, притоа, не само тој ден, туку никогаш не го видов. Извршувањето на налогот не беше моја работа. Ниту еден судија не ги извршува лично своите одлуки. Бев известен од писарницата и депозитот на судот дека утредента (во петок) обвинетиот дошол и си го презел пасошот. Земјата, сепак, требаше да ја напушти дури следната среда (на 11.12)…
НЕГОДУВАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СУДОТ АЛЕКСАНДАР СТЕПАНОВИЌ
Значи, беше петти ден од денот кога го презеде пасошот. Веднаш тргна офанзивно (Александар Степановиќ, претседателот на Вишиот суд во Белград), по првпат откако се запознавме: „Зарем јас морам од Вељовиќ да дознавам што прават судиите? Сакаш Мишковиќ да му се смее на Вучиќ од Трафалгар?!“ Бев шокиран!
Никогаш претходно не сме имале ни најмал спор. Дури и за потешки ситуации решававме елегантно, во чекор. И што е тоа што сум направил? Обичен допис! Не бев фасциниран ни од личноста на обвинетиот, не само во овој, туку од кој било друг предмет. Имав доволно тешки, па и многу потешки „утакмици“ во судница, или „поминати километри“ списи.
Мојот соговорник првпат ми изгледаше сосема поинаков. Ми делуваше како некој добро да „го напеналил“. Бев видно непријатен, очигледно изнервиран, нетрпелив. Со крупните очи непрестано шараше по аглите на кабинетот.
Нервозно ја местеше косата, поточно нешто подолгите шишки кои повремено му паѓаа на чело. Продолжи тој наш прв непријатен глув „дијалог“: немаше намера да ги слушне моите аргументи. Се повеќе паѓаше во оган, иако мирно одговарав на сите негови прашања.
„Како тоа членовите на советот да не знаеле за одлуката, па дури ни шефот на писарница?“, ме праша луто.
Беше јасно дека прашал некој од нив и дека добил таков одговор. Возвратив дека е точно дека не знаеле оние кои не ни требало да знаат. Но дека знаеа мојот соработник, записничар, референт, односно оние кои имаа работа околу тоа и кои требаше да знаат…
Меѓутоа, токму ова негово прашање, после неколку дена, и тоа со крупен наслов, на ударни страници и тоа буквално до збор ги постави еден белградски таблоид кој важеше за тврдо „режимско“ гласило. Јасно беше дека тоа не е случајно и кој би можел да биде „инсајдерот“! Во секој случај, без негово знаење, дури и да не е „извор“ на инфорамции, нешто така не смееше да излезе во јавност!
После размената на уште неколку реченици, по принципот на негови три моја една, следеше:
„Сметај дека од денес веќе не си претседател на Посебното одделение. Уште ќе размислам дали ќе те оставам како судија во тоа одделение, или ќе те вратам во Палата!“… (Крај)
За сличноста со Македонија најдобро говори денешниот извештај според кој Судот за човекови права од владата бара да преземе мерки за случајот Камчев
Судот за човекови права во Стразбур бара одговори од Владата за состојбата на Камчев






