„Кога италијанските фудбалери ја пеат државната химна, тоа не е само церемонијална формалност, не е само промоција на патриотските чувства на припадници на еден род, на една идеа за заедништво околу која се собираат единаесет спортски борци за да се борат со други единаесет на спортскиот терен.
Тоа е шоу какво што приличи на еден светски спектакл, па дури и естетски перформанс со кој се воспева припадноста, но уште повеќе моќта на заедништвото, витештво на едните контра витештвото на другите.
Нема тука ништо накарадно од типот “едни ја пеат, а другите не, затоа што овие вторите не се споменати во химната“.
Овој исказ што го слушнавме деновиве од една “posvudusha”, сеприсутна политичка личност од нашата јавна сцена е дно на политичка некултура, повик на политичка нетолеранција за бојкот на еден од државните симболи. Чист примитивизам спакуван во идеа за нов атак кој се спрема врз државноста“






