Не знам, искрено, можам само да претпоставувам но фактите се на маса. Одам на пазар: Две кила компири, молам. – Друже за тебе од овие за пријатели под маса, затоа што си најјак.
Патлиџани, ако може. – Може, ама и еве две лути пиперчиња од мене за дечкото што не ме остава да заспијам.
Пченки дајте ми. – Од овие овде за тебе, најдобар си, само така продолжи.
Момче, праски да не сакаш? – Купив веќе. – Еве ти една од мене, мерак ми е на тебе да ти дадам!
Во месара: Брат, ајде почнувавајте, има толку многу да се каже. Вие сте вистинските!
Сликар во Охрид: Да ви подарам прекрасни слики за во студио, да светне најдобрата емисија.
На Свети Наум: Друже, цар си!
Во продавница. Дајте ми лименка кока-кола. – Повели, ама пари не ти земам. Бар толку можам за тебе.
Во Чаршија: Другар, не запирајте ве молам. Уште посилно, уште поцврсто!
Во пивница: Само да ве поздравам господине, чест ми е како млад човек да ви стиснам рака!
Во берберница: Секоја вечер те гледам, со Горан сте наша надеж.
Во маало, на кеј, на плажа, во молови, во кафулиња, на плоштад, во села и градови. И не само денес или само вчера.
Вака е со денови, со недели, со месеци. Не само небањати, брадосани, туку и бањати, светнати. Стари и млади, мажи и жени.
А не правиме ништо особено. Само ја кажуваме вистината. Со човечки речник, без ароганција и надуеност.
Има и мразачи. Обино скриени зад лажни профили или со потемнета свест. Мразат бидејќи вистината, нели, е како шило. Боде и боли. А не сакаат да ја видат, поубаво им е да живеат во темница.
И по некој „колега“ се мачи да хејта. Особено ако го згазило времето, или уште полошо, ако целата кариера ја поминал како нерелевантен пингвин, бутнат во нечие црево, небаре глушец во кобасица.
Но тие не се важни. Вреди она другото, поголемото. Со кои пари може да се замени почитта од „обичниот“ човек? Со која среќа може да се поистовети погледот на добрите лица додека ти ја стискаат раката? Ако знае некој, нека ми каже. Мене и вака ми е добро. 🙂






