Како претседавач на ОБСЕ Османи пак во посета на Украина утре – а кога ќе ги посети и ќе разговара и со Македонците во Бугарија и Албанија?

„Претседавање со ОБСЕ: Османи утре повторно во Украина – средби со шефот на државата Зеленски и теренски посети! Втора посета на Османи во Украина, по првата посета остварена во јануари  годинава.“објави ТВ Клан Македонија.



ТВ Клан Македонија пишува: „Министерот за надворешни работи Бујар Османи во својство на претседавач со ОБСЕ утре повторно ќе престојува во работна посета на Украина. Посетата на Украина е во рамките на реализацијата на една од главните заложби од Програмата за претседавање на * Македонија со ОБСЕ во 2023 година. Министерството за надворешни работи соопштува дека во Киев министерот за надворешни работи Бујар Османи во својство на претседавач со ОБСЕ ќе оствари средби со шефот на државата на Украина Зеленски. Предвидена е заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба, но и средба со претседателот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук.“

„Во рамки на престојот во Украина Османи ќе оствари и неколку теренски посети, а да се запознае одблиску со ситуацијата таму, како и со потребите на граѓаните.’ – велат, покрај другото, од МНР. Украина беше првата земја, која што Османи ја посети на почетокот на неговиот мандат како претседавач со ОБСЕ во јануари годинава. Втората посета доаѓа како продолжение и потврда на посветеноста на ОБСЕ да ѝ помогне на Украина и да ги ублажи последиците за луѓето од погодените области, предизвикани од руската воена агресија во Украина и нејзините влијанија врз поширокиот регион на ОБСЕ.“

Инаку, редно е да му се упати јавно прашање на Бујар Османи, нели е и министер за надворешни работи на Македонија, значи со обврска да се грижи не само за Украинците во Украина, туку и за ситуацијата и правата на Македонците во Бугарија и Албанија: кога ќе оди да ги посети и нив? Кога ќе оствари теренски посети и разговори со припадниците на македонскиот народ, кои живеат во овие две соседни држави?

Дали и кога Бујар Османи, уште подобро истовремено и како шеф на македонската дипломатија и како претседавач со ОБСЕ, ќе оствари посебно посета на официјална Софија, за да поразговара со бугарскиот министер за надворешни работи и бугарскиот претседател Румен Радев како и потпретседателката Илијана Јотова во врска со критиките, кои потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски ги изнесе пред Советот на Европа на адреса на бугарската политика? Бидејќи, како што изнесе Николовски, Бугарија ги лишува Македонците во оваа држава од употребата на јазикот и правото на образование.

Може ли да очекува македонската јавност, по утрешната втора посета на Украина Бујар Османи набргу да фати џаде и накај Софија, па таму со Радев и Јотова да поразговара околу причината зошто спроведуваат, како што предупреди Александар Николовски, „екстремна политика на национално негирање на Македонците“?