Пред 5 години ЕУ со стратегиски документ лажела земји од Западен Балкан дека ќе станат членки до 2025 година, објавува шефот на собраниската комисија за надворешна политика Антонио Милошоски во анализа на стратегијата на унијата за Србија и Црна Гора.
Милошоски препорачува оваа анализа да ја прочитаат сите особено политичари и новинари а како докази нуди 4 фото-вести.
,,Бирократите од Брисел пред само 5 години пишуваа стратегија во која Србија и Црна Гора требаше во 2023 да ги завршат преговорите и во 2025 да бидат полноправни членки на ЕУ. Денес оваа стратегија е само уште една стара хартија со големи и нереализирани ветувања. Најголем доказ за тоа е тактичкото 11 годишно влечкање на преговорите со Србија и Црна Гора од страна на ЕУ, кои со ова темпо на преговори тешко да станат полноправни членки во следниве 10 години”, пишува Милошоски кој објавува дека според истата стратегија Макеоднија требало сега да биде во четвртата година од преговорите.
,,Стратегијата на Европската Комисија проектираше дека Албанија и Македонија (доколку се реши грчкиот спор) ќе ги започнат преговорите во 2019. Наместо тоа ние 2019 добивме “гратис” вето од официјален Париз, од каде сега и јавно се промовира новиот концепт за “ЕУ со повеќе брзини”. Во меѓувреме од Исток добивме нови “добрососедски предизвици”, кои изобилуваат со уцени и притисоци, наместо со европски стандарди.
Исто 2019 беше предвидена како година кога Косово ќе направи суштински исчекор кон ЕУ. Ништо од тоа до ден денес. Косово е под санкции.
До крајот на 2019 стратезите од официјален Брисел зацртаа и кандидатски статус за Босна и Херцеговина. Наместо тоа, БиХ доби нов странски намесник и засилени старо-нови внатрешни турбуленции”, пишува Милошоски кој потсетува дека овие големи стратегии и ветувања, освен на хартија, ни беа уверливо повторувани од тогашните челници во ЕУ: Доналд Туск (Претседател на Советот на ЕУ), Жан Клод Јункер (Претседател на ЕК), Фредерика Могерини (Висок претставник за надворешна политика) и Јоханес Хан (комесар за проширување).
,,Денес секој од нив си има свои приоритети, нови задачи, нови ангажмани, и ретко, можеби и никогаш, овие луѓе не се замараат со големите ветувања кои во нашиот регион станаа големи разочарувања и го срушија кредибилитетот на ЕУ.
Затоа, денес кога Ковачевски, Бујар и Маричиќ тропаат во барабанот за брзо полноправно ЕУ членство, мнозинството македонски граѓани со право на тоа гледаат со подбив и го сметаат за предизборна пропаганда во која тие очајно се трудат да го искористат урнисаниот кредибилитет на сегашните бриселски бирократи”, заклучува Милошоски.
Фото аргументите на Милошоски на овој линк






