Како мали Ѓокица „замишља“ свет, така Мала Царовска „замишља“ реформа на образованието. Тамам јавноста подзаборави на нејзината „генијална“ замисла за укинување на историјата како посебен предмет и нејзино вметнување во заеднички со географија и со граѓанско општество, министерката со нов „ингениозен“ потег – наместо од печатени учебници, од четврто одделение па нагоре ќе се учело од дигитални! И тоа веќе од септември!



Уште нестивната бурата од жестоки реакции за вратоломијата со историјата, која во секоја нормална држава е еден од столбовите на националниот идентитет и оттаму нејзиното посебно место во образовниот систем, нов шок за родителите. Нецели два месеца до крајот на тековната учебна година им се дава на знаење дека нивните деца наесен дополнително ќе „другаруваат“ со компјутерот/лаптопот/таблетот, без оглед на тоа дали ќе продолжи онлајн-наставата поради епидемијата на Ковид-19.

Нешто што треба детално да се обмисли, дискутира, анализира и планира, пред да се пристапи кон реализација, како и речиси секоја друга „реформа“ во оваа земја се соопштува во минута до 12, за да се сведе на минимум маневарскиот простор за очекуваниот отпор. И, како лагата со историјата и Финска, пак се дава пример на високоразвиена земја, овојпат Канада, каде што учебниците се дигитализирале пред 10 години, како што тврди Царовска.

Аман, бе, веќе со ненаучената поука за жабата што видела како го потковуваат коњот, па и таа кренала нога. (Пре)далеку е Канада за Македонија во секој можен поглед за да се аплицираат нејзините образовни искуства во македонското школство. Во една од најсиромашните земји во Европа, каде што голем број училишни објекти, посебно во руралните средини, немаат ни елементарни услови за настава (покриви што прокиснуваат, прозорци до кои дуваат урагани, греење со ќумбиња, ќенефи со гнили штици во дворовите, прастар инвентар и надгледни помагала од времето на Дедо Ное), недостига само дигитализација на учебниците.

А бе дај симнете се на земја! Погледнете ѝ на вистината во очи, а не да се замислувате дека сте во Калифорнија. Куќа не се гради од покривот, ами од темелите.

Прво обезбедете основни услови, дури и за хигиена, а не во некои училишта учениците да носат од дома течен сапун и хартија за бришење, а родителите да плаќаат осигурување и обезбедување, да купуваат училишна униформа, ИТ-уреди, да плаќаат (мобилен) интернет и на тој начин да ја овозможуваат онлајн-наставата. Ги прашува ли некој дали се (не)вработени, колкави примања имаат, можат ли да го поднесат и тој товар во државата со декларативно бесплатно основно и средно образование?

Помислил ли некој и на учениците и на нивното здравје? Отсега ќе мораат уште подолго да зјапаат во мониторите, а тоа повлекува уште поголемо зрачење од компјутерите и оштетување на видот.

А наставниците? Цел работен век саде со реформи се расправаат, ставени меѓу чеканот (Министерството за образование и наука) и наковалната (учениците и родителите).

Кога подлабоко ќе се загребе под површината на најавената револуционерна новина, станува јасно дека, всушност, целта е со еден удар да се отепаат две муви. Треба да се оправда кредитот од Светска банка од 21,5 милиони евра за подобрување на основното образование и истовремено да се дефокусира јавноста од актуелните мегаскандали со македонските пасоши за наркобосови, со апсењата на американската агенција за борба со наркотици ДЕА и со коруптивните активности на Рашковски. Оттаму и новата фрлена коска за глодање од јавноста со дигиталните учебници.

Никој не е против фаќање приклучок со современите трендови во светот, вклучувајќи го и образованието, ама не прекутрупа, со мегаломански идеи и со избрзани потези, без или со јавна дебата колку да се рече. Доста веќе со експериментирање со учениците како да се заморчиња!