ОЈО за гонење организиран криминал и корупција отвори предмет по допрен глас за наводите за несоодветен избор на компанија што ќе врши надзор над изградбата на коридорите 8 и 10.
По 700 евра на ден за инжењери кои ќе вршат надзор на изградбата на автопатите
Откога пред две недели посочија дека ги следат информациите, денеска објавија дека предметот е распределен кај обвинител, објави Макфакс.
„Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејства и ќе изврши проверки по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
За вршење надзор над изградбата на коридорите 8 и 10, Владата се обврза да му плати 22,3 милиона евра на конзорциумот предводен од италијанската компанија „ИРД инженеринг“ со објаснување дека надзорот ќе го вршат меѓународни експерти.
Иако италијанската компанија е носител на конзорциумот, повеќето од предвидените 22,3 милиона евра ќе бидат за домашните компании „Електра солушн“ и „Евроконсалтинг“ бидејќи е предвидено тие да завршат најголем дел од работите.
„Електра солушн“ е компанија што произведувала долна облека, кусо време се занимавала со услуги поврзани со информатичка технологија и компјутери, а од лани како дејност пријавила други градежно-инсталатерски работи и никогаш досега не вршела надзор. Лиценцата за вршење надзор ја извадиле по распишување на огласот за коридорите во рекордно кус рок.
За другата домашна компанија, пак, „Евроконсалтинг“, опозицијата и некои од медиумите алармираа дека е сопственост на лице со криминално досие, Бранислав Димитриевиќ, уапсен во Хрватска во април 2021 година, врз основа на потерница од Интерпол.
Владата минатата недела на 8 март го потпиша договорот и покрај предупредувањата во медиумите и острите критики од опозицијата.
Спорните компании ќе вршат надзор над работата на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој за 1,3 милијарда евра треба да изгради четири автопатски делници од коридорите 8 и 10.







