Како да се разреши Катица Јанева и што по неа?

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за нив е неприфатливо било кој обвинител од СЈО да ја замени Катица Јанева, се додека не се расчисти случајот „Рекет“, односно додека  не се утврди дали и други обвинители од СЈО се вмешани во овој случај.



Според ВМРО-ДПМНЕ обвинителите од СЈО треба да се вратат во своите матични обвинителства, затоа што биле предлог на Јанева која го изгубила целиот кредибилитет.

Од партијата најавија дека утре ќе се одржи нова средба на работните групи на власта и опозицијата за новиот закон за ЈО, на која ќе се разговара и за судбината на СЈО.

Во Законот за СЈО пишува дека јавните обвинители во СЈО немаат право да донесуваат наредби и обвиненија, а имаат право да го застапуваат јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство пред надлежниот суд.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска или најдоцна до утре писмено ќе го информира Советот на јавни обвинители за сите дејствија кои биле презмени во предистражната и истражната постапка за „Рекет“, а поврзани со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, дознава НОВА ТВ.

Откако ќе го добие ова известување, претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев треба да закаже седница на Советот на која ќе започне постапката за разрешување на Јанева од позицијата – шеф на СЈО.

Советот на јавните обвинители во разумен рок ќе достави извештај за утврдената фактичка состојба и основите за разрешување до Собранието.

Собранието го утврдува предлогот за разрешување на јавниот обвинител со двотретинско мнозинство…

Бидејќи Законот за СЈО не е предвидено на кој начин треба да се избере наследникот на Јанева, државниот обвинител Љубомир Јовески упати на одредбите од Законот за јавно обвинителство – односно Советот на јавни обвинители  да определи в.д обвинител кој ќе раководи со ова обвинителство од редот на јавните обвинители на СЈО.