„Тематско проучување со фузија на предметите, за да се види релевантноста“, нè просветлија министерката Царовска и професорката психолог Виолета Петроска-Бешка.
Како тоа би изгледало во пракса?
Тема „Викиншката инвазија на британските острови“.
Влегува прв историчарот и со три пара ракавици на јазикот ни раскажува како кокичињата мирољубиви од Шведска (16-то место на PISA по математика, наука и читање), до точка и запирка следејќи го наставниот план во Естонија и Финска (5-то и 10-то место на PISA), направиле неколкудневна екскурзија до северна Англија, при што воделе љубов со половина од припадниците на едниот пол и нежно им го згаснале животот, а другата половина си ја земале со себе за занимација и испомош во домаќинството.
На дел од припадниците на другиот пол, кои биле на брза храна и имале проблем со тежината, им помогнале да намалат килограми, со тоа што им го отстраниле делот од телото над вратот и го оставиле да се одмори на колци.
После влегува географот за да им помогне на децата да го доразберат историчарот, со тоа што ќе им каже дека брегот на денешен Јоркшир е пристапен и екскурзијантите немале проблем со истоварувањето, додека областа е богата со шуми и зеленило, па гостите можеле да си ги одморат очите.
На крај наставникот по граџанско ќе им каже на учениците дека урбаните Англичани (13-то место на PISA) со цвеќе ги пречекале гостите од север при што дошло до размена на знаења и спој меѓу двете култури. Во еден миг, урбаните локалци ги подучиле посетителите дека би било интересно ако главите на нивните сограѓани се тркалаат наместо да бидат зденати на колец, од што учениците ќе научат како се роди фудбалот во Англија, а идните креатори на Концепти ќе сфатат, во духот на мудроста на професорката Бешка („Не сум толку стручна за историја, ама немам дилеми дека треба да се учи заедно со граѓанско образование“), дека историјата треба да се учи заедно со физичко.
ФБ статус на проф. Никола Минов






