Каде потона Законот за плати, за кој власта уште пред пола година кажа дека се подготвува?!

Нема ниту трага, ниту глас од новиот Закон за плати, за кој власта уште пред речиси половина година кажа дека се подготвува, и дека само во него гледа решение за праведно димензионирање на функционерските плати кои си ги покачија за 78%. Наспроти првичното ветување на премиерот, дека платите на државните функционери нема автоматски да се покачат, откако Уставниот суд укина два члена од Законот за плати, сите избрани, именувани и назначени функционери, добија европски плати. Ковачевски вели дека се уште се работело на текстот на законот со кој, функционерските  примања, би се свеле во разумни граници. И додека над илјада луѓе од државниот систем, веќе половина година си ги трошат енормно покачените плати, премиерот Ковачевски, им упати порака на пензионерите, дека нивното барање за линеарно покачување, би се одразило на буџетот на фондот, и ќе не можело да се исплати ниту една пензија.



Наспроти премиерот, екс претседателот на Здружението на пензионери Драги Аргировски, вели за Алфа, дека нема потреба, кој било  да ги плаши највозрасните граѓани, дека со линеарното зголемување на пензиите се доведувала во прашање стабилноста на пензискиот систем, Според Аргировски, сите барања на пензионерите се издржани, зашто инфлацијата веќе им ги изела и онака ниските примања, пред се на граѓаните со ниски пензии.

Дека Владата мора да изнајде итен и неодложен механизам за враќање на платите на функционерите во првобитната состојба, велат и од Институтот за економски анализи „Фајнанс тинк“. Ја повикаа Владата да отвори дијалог за прифатливо решение за разумен пораст на нивните плати.

Инаку, пензионерите бараат линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари и дополнително да се утврди минимална пензија од 18.000 денари, изразувајќи незадоволство од одлуката за 6% зголемување на пензиите. Овие барања уште еднаш ќе ги повторат в недела, на нов масовен протест во Скопје.