Оспорувајќи ги податоците на Министерство за надворешни работи на Бугарија, според кои во странство живеат 2,4 милиони Бугари, бугарскиот неделник уште во насловот на својата анализа прашува „Каде исчезнаа Бугарите во Македонија?“.
„Некои од цитираните бројки се навистина зачудувачки. На пример, наглите движења во податоците за Турција и Македонија – во првата од 500 илјади исчезнале 150 илјади души, а во втората – речиси сите (од 50 илјади на околу илјада). Тоа се огромни демографски промени, кои не би останале незабележани. За Македонија, на пример, тоа би значело дека сите луѓе што имале бугарски пасош до 2011 година заминале. Тоа или е сомнително или ги покажува чудата на новата бугарска политика за имиграција и трговијата со пасоши“, пишува „Капитал“.
Списанието се повикува на официјалната статистика на Обединети нации, како и на сопственото истражување од минатата година, според кое бројот на Бугарите што живеат во странство се движи меѓу 1,1 и 1,33 милиони.





