Каде исчезнаа 50 илјади народни евра за ,,велопатека”, ентузијастите и без пари не се предаваат (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Минатата година пратеничката на СДСМ од Охрид Жаклина Лазаревска објави дека во Собранието е одобрен амандман предложен од ВМРО-ДПМНЕ со кој за изградба на велосипедска патека крај брегот на Охридското езеро се предвидени 50 илјади евра.



Иако според Лазаревска парите се одобрени од Собранието досега никој не знае каде тие пари завршиле но велосипедска патека крај брегот на охридското езеро од Охрид до Струга ја нема иако таа би била огромен поен плус за туризмот во овој регион.

Во исто време од другата страна на границата Албанија изгради велосипедска патека која е магнет за многу туристи.

И покрај тоа што никој не знае каде се предвидените пари за овој проект вчера со силата на ентузијазмот се одржа веќе традиционалниот ,,Веловикенд” на кој стотина велосипедисти од земјава и странство возеа крај брегот на Охридското езеро.

Иако поради пренасочување на сообраќајот по стариот пат за Струга велосипедистите имале сериозни предизвици да продолжат со возењето сепак тие ја завршиле својата ентузијастичка мисија истовремено од надлежните барајќи ,,вело патека” Охрид-Струга и Охрид-Св.Стефан

,,Денеска заврши ИПА ВЕЛО ВИКЕНДОТ „ НА ТОЧАК, ОХРИД И СТРУГА ДА ВИДАМ“. Имавме прекрасни содржини, отворивме ИПА штанд под будното око на маскотата „ОХРИД ИПА МЕН“ а вчера, од ланските 40-мина бајкери, групата порасна во „армија“ од 90-тина велосипедисти.

Со срце ја возевме вело турата Охрид-Струга-Радожда и, по 7-ми пат, гласно ги повикавме надлежните од локалните и централната власт, конечно и неодложно, да пристапат кон изградба на современа и безбедна велосипедска патека по „стариот пат“ Охрид-Струга. Небезбедно е, со велосипед да се вози покрај возила, камиони и автобуси на трасата по стариот пат каде, досега, за жал имало неколку жртви велосипедисти и затоа, НАДЛЕЖНИ, направете го она што од Вас, граѓаните го очекуваат- модерна велосипедска патека помеѓу двата крајезерски града.

Бенефитот на изградбата на вело патеката Охрид-Струга е општо добро за сите граѓани, угостители и туристички работници од Охрид, Струга, Македонија но и за сите туристи кој што доаѓаат во ова наше подрачје кое што е прекрасно и изобилува со атрактивни природни убавини.

Вело патека Охрид-Струга, значително ќе ја зголеми туристичката понуда и ќе ги подигне Охрид и Струга повисоко на светската туристичка и вело-мапа. ИПА Охрид, доби голема поддршка од граѓаните- вљубеници во велосипедизмот од цела Македонија но и од националната секција-ИПА Македонија ( не посети претседателот Игно Стојков и генералниот секретар Игор Манојловски), од ИПА регионите во Македонија како и од ИПА членови на Бугарија и Романија со што, вело турата доби и интернационален карактер. Драги сограѓани, драги ИПА колеги, драги членови на Управниот одбор на ИПА Охрид, почитуван Црвен Крст Охрид, Планинарска спасителна служба Охрид, Ескејп рент а бајк Охрид,, Охрид сити бајк, познатиот бутик „Катина“,на полицијата од Охрид и Струга но и на сите останати подржувачи, Ви честитам на посветеноста и истрајноста да ја држиме „во живот“ идејата за вело патека Охрид-Струга но и на храброста, во огромната гужва од возила и под лоши временски услови, да ја возиме трасата.

Да се надеваме дека догодина, без лажни најави како лани, навистина „ќе се роди“ толку посакуваната и потребна вело траса од Охрид до Струга но и од Охрид до „Св.Стефан“ за која исто така, се залагаме уште од пред 7 години. Во септември, возиме Охрид-Пештани а потоа со бајкерите од ИПА Аллбанија, околу Охридското езеро. SERVO PER AMIKECO-СЛУЖИМЕ НИЗ ПРИЈАТЕЛСТВО”, објави на својот Фејсбук профил портпаролот на СВР Охрид М-р Стефан Димоски кој е претседател на Интернационалната полициска асоцијација Охрид и го организира ,,веловикендот”.

Каде се парите за кои лани говореше пратеничката на СДСМ Лазаревска засега никој не знае а велопатеката се уште е само сон за велосипедистите од Македонија и странство.