Каде исчезна „калифот“ на Исламска држава!?

По информацијата дека таканаречената Исламска држава  ја изгуби целата територија што некогаш ја контролираше во Ирак и Сирија, се поставува прашањето каде е нејзиниот „калиф“  Абу Бакр ал Багдади.



Со уценета глава на 25 милиони американски долари , човекот кој прогласи „Исламски Калифат“ и е одговорен за масовно колење на противниците во Сирија и Ирак и за инспирирање на терористички напади во срцето на Европа е – на слобода.

И покрај бројните тврдења за неговата смрт во изминатите неколку години, Ал-Багдади останува мистерија.

Тој се појави во јавност само еднаш, во 2014 година. Оттогаш, многу негови врвни помошници беа убиени, главно во воздушните напади на коалицијата предводена од САД,  но за човекот кој наводно управувал со територија на „калифатот“ голема колку и Велика Британија не се знае ништо.

Ловот и апсењето на Ал Багдади ќе биде посакувана награда за разни играчи во Сирија и Ирак.

Единствениот познат јавен настап на Ал-Багдади беше на 29 јуни 2014 година, кога тој се појави облечен во црна одора на проповед во Големата џамија на Мосул Ал-Нури во која ги повика муслиманите од целиот свет да се заколнат на верност на калифатот и нему лично како лидер.