Граѓаните дефинитивно повеќе сакаат да штедат отколку да се задолжуваат. Тоа барем го покажуваат податоците на Народна банка на Македонија, кои говорат дека македонските домаќинства во банка на крајот на минатата година чувале вкупно близу 5,7 милијарди евра, или прецизно 5,671 милијарда. Како што анализира Фактор, нашите граѓани вкупно од банките имаат земено кредити на сума од 3,73 милијарди евра, што значи дека многу помалку им должат на банките, отколку што таму чуваат свои заштеди. Уште еден податок говори колку Македонецот е повеќе склон кон штедење, отколку кон задолжување.

Имено, само во текот на минатата 2023 домаќинствата во земјава ставиле во банките нови штедни влогови на сума од дури 418 милиони евра. Или, ако на крајот на декември 2022 година депозитите на домаќинствата изнесувале 5,253 милијарди евра, на крајот на ланската година тие се на ниво од 5,671 милијарда, или повеќе за 418 милиони евра. Состојбата порано беше многу поинаква во корист на заштедите во странска валута, но како одминува времето, се чини дека македонските граѓани се повеќе ја преферираат домашната валута како опција за штедење, што во голема мерка се должи и на поатрактивните каматни стапки.
Па така, на крајот на декември лани граѓаните во денари штеделе 2,82 милијарди евра, додека влоговте во странска валута се 2,85 милијарди и само за малку им бегаат на денарите. Но, ако се погледне за колку тие пораснале и во декември во однос на претходниот месец, и во декември во однос на декември лани, се гледа дека позитивниот тренд е на страната на денарите. Односно, тие само во декември лани, значи само за еден месец, пораснале за 170 милиони евра, што е огромен месечен раст, додека, пак, во текот на цела претходна година нивното зголемување е за дури 300 милиони евра, или прецизно 297 милиони.

Кај странската валута, пак, месечниот пораст во декември е само 22 милиони евра, додека, пак, годишниот изнесува 120 милиони евра или речиси тројно помалку од порастот кај денарите. Ако са анализира кредитирањето, пак, може да се забележи дека кај граѓаните и натаму остануваат популарни потрошувачките и станбените кредити, но се повеќе излегуваат од мода кредитните картички и дозволените минуси. Не е ни чудно со оглед што каматните стапки, односно казнените камати кај одредени банки достигнаа 14,3 отсто за овие два вида на кредити.
Да одиме со ред. По основа на потрошувачки кредити на крајот на декември лани нашите граѓани должат 1,95 милијарди евра. Само во декември се создал нов долг по основ на овие кредити од 21 милиони евра, а за цела година 120 милиони. Станбените кредити, исто како и гладта за станови, не прекинува. Тие достигнале до 1,364 милијарди евра, при што во декември имаат враст од 19 милиони евра, а за цела ланска година 130 милиони.





