Кацарска со барање до Џафери: Собранието да избере 4 уставни судии

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска побара од претседателот на Собранието, Талат Џафери да се заложи во најскоро време да се изберат нови четворица уставни судии, бидејќи сега Судот работи само со петмина судии.



„Ви се обраќам да Ве информирам за ситуацијата во која се наоѓа Уставниот суд и неговото отежнато функционирање во последниот период со само петмина судии, иако Уставот предвидува полниот состав на Судот да биде со девет судии. Ова има влијание при одлучувањето кога често се случува предлогот да не го добие потребното мнозинство, поради што во моментот за 16 предмети не може да се донесе одлука поради недоволно мнозинство.

Покрај ова, морам да напоменам дека пред Судот треба да се разгледуваат предмети кои се од врвен интерес за државата, а за кои е потребно да се одлучува во полн состав со што одлуките би имале поголема тежина“, пишува Кацарска во писмото.