Кацарска: Неуставни и незаконски се огласите за вработувања во јавната администрација

Неуставни и незаконски се сите огласи за вработувања во јавната администрација во кои се бара кандидатите да бидат припадници на соодветна националност, вели претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска.  



На завршната конференција во Уставниот суд, денеска Кацарска кажа дека пред Уставот сите се еднакви и нема никаква разлика дали некој е Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Влав итн.
„За огласите на другите институции во кои веќе две децении се нагласува од која националост треба да бидат примените кандидати, не сум ги видела, но ако се такви, огласите се противуставни“, смета претседателката.

Во Уставниот суд нема пристигната иницијатива за оценување на уставноста на начелото на правичната застапеност на припадниците на заедниците, жаргонски попознато како балансер.

„Постапувам исклучиво според Уставот и законите. Кој е најдобар на огласот, тој ќе биде вработен. Сметам дека во секоја институција начинот на вработување треба да е таков. Ако добиеме иницијатива од граѓаните во Уставниот суд ќе се произнесеме конкретно за ова, ќе биде интересен наводот. Поднесете иницијатива, ќе ја разгледаме“, рече Кацарска.

На новинарско прашање дали Уставниот суд самоиницијативно ќе поведе постапка за оценување на балансерот, Кацарска одговори дека не може сама да одлучи за тоа.

„Ако колегите гласаат таква одлука по службена должност да поведеме иницијатива, ќе работиме и по таков предмет“, одговори таа.

Извор : https://sdk.mk/index.php/makedonija/neustavni-se-oglasite-za-vrabotuvane-kaj-shto-se-baraat-makedontsi-albantsi-i-drugi-po-natsionalnost-a-ne-po-kvalitet-smeta-pretsedatelkata-katsarska/