Кацаров: „Не ни текна и никогаш нема ниту да ни текне дека сме Македонци“

„Според Трајче Кацаров, поет, раскажувач и драмски автор, апсурдно е тоа што ни требаат и договори, за да докажеме дека сме Македонци.“ – вели весникот „Скопско ехо“ кон интервјуто со Кацаров, кое го објави денес со наслов „Не се брани и не се докажува македонштината со потпишување договори туку со дела“.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

„Едната е што не ни текна дека сме Македонци, другата е што не ни текнува дека сме Македонци и третата е што нема никогаш да ни текне дека сме Македонци. Треба постојано да ни е пред очите пораката на Блаже Конески: ‘Големо ни е името, ќе има мнозина што ќе сакаат да ни го земат’. Не се брани, не се докажува македонштината со потпишување договори, туку со дела. Зарем покрај сите универзитети, каде што се студира на македонски, зарем покрај Македонската академија на науки и уметности, македонските национални театари, милионите книги напишани на македонски, исто толку преведени на македонски, ни требаат и договори за да докажеме дека сме Македонци? Таква апсурдна ситуација не можат да замислат ниту најголемите творци на театарот на апсурдот.“

Со што најмногу се гордеете во Македонија?

„Се гордеам со се’ она што зборува за македонштината, што јасно и гласно ја брани македонштината. Се гордеам со нашиот фолклор, кој најексплицитно зборува за различието од другите народи, пред се за различието од соседите.“

Во каква Македонија сакате да живеете?

„Во таква во која ќе можам гласно сосем гласно да го извикам Рациновиот стих: ‘Куќа цел свет ми е!’ Зошто ние, кои што живееме во Македонија, да не се чувствуваме како граѓани на светот? Зошто постојано да бидеме кинисани кон некои вредности, кои се диктирани од западните, од развиените земји? Зарем ние немаме наши вредности, со кои можеме да побараме рамноправност со земјите од ЕУ, со земјите од развиениот свет?“ – вели Кацаров во ова интервју, покрај другото.