Здружението на информатичко-комуникациските технологии (ИКТ), кое ги обединува сите оператори, денеска донесе заклучок да го прекине реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали на 2 март, вечерта на полноќ. Исклучок ќе бидат каналите на јавниот сервис: МТВ1, МТВ2 и собранискиот канал.



Но, операторите по средбите со државниот врв се согласија да го одложат датумот за прекин за 2 март 2020 година на полноќ, за да остават простор за изнаоѓање законско решение во интерес на граѓаните, соопшти попладнево Здружението.

Најавуваат дека заклучокот за прекин на реемитувањето на телевизиските канали ќе биде во сила сѐ додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение.

Ваквиот заклучок на членките на Здружението на ИКТ, стои во соопштението, е последица на последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), што Собранието на РСМ ги донесе на 16 месецов, на денот на распуштањето, по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа.

Најавата за прекин на реемитување на сите ТВ канали, со исклучок на тие на јавниот сервис, петте национални телевизии при Македонската медиумска асоцијација вчера ја оценија како апсурдна, паушална и незаконска.