„ Постапката за именување на генерален конзул на Република Северна Македонија во странство не е во надлежност на претседателот на државата, туку е во надлежност на Министерството за надворешни работи и Владата, и истата е регулирана со Законот за надворешни работи, соопшти кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
Соопштението следува по информациите кои стигнаа до медиумите дека наводно телевизиска презентерка Бесмира Ејупи била предложена за генерален конзул на Македонија во Њујорк и дека таква одлука синоќа била донесена на Влада.
Од Кабинетот велат дека постапката за именување генерален конзул ја покренува министерот за надворешни работи, кој до Владата доставува предлог за именување на генерален конзул.
„По прифаќање на кандидатот од страна на Владата, Министерството бара егзекватура од земјата на приемот, а по нејзиното добивање и завршените подготовки, Владата донесува одлука за именување на генерален конзул. Патентното писмо за генералниот конзул, онаму каде што е потребно, го парафира министерот, а го потпишува претседателот на Владата“, се наведува во соопштението од кабинетот на шефот на државата.






