Јужна Африка поднесе случај до Меѓународниот суд на правдата во кој се тврди дека Израел врши геноцид во Газа, јавува Би-Би-Си.
Судот на ОН ја потврди постапката за наводно прекршување на обврските на Израел според Конвенцијата за геноцид.
„Израел со гадење ја отфрла крвната клевета што ја шири Јужна Африка“, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
По поднесувањето на барањето, јужноафриканското претседателство во соопштение соопшти дека земјата има должност да го спречи геноцидот.
„Јужна Африка е сериозно загрижена за маките на цивилите затекнати во тековните израелски напади врз Појасот Газа поради неселективна употреба на сила и принудното отстранување на жителите“, се вели во соопштението.
Во документот од 84 страници се наведува дека дејствијата и неактивноста на Израел се од геноциден карактер бидејќи имаат за цел да резултираат со уништување на значителен дел од палестинската национална, расна и етничка група.
Во петицијата се бара од Меѓународниот суд на правдата да одржи сослушување следната недела и бара од судот да нареди голем број привремени мерки, вклучително и Израел да ги прекине сите воени дејствија во Газа.
Лиор Хајат, портпарол на израелското Министерство за надворешни работи, ја обвини Јужна Африка за соработка со терористичка организација која повикува на уништување на државата Израел.
„Израел дејствува во согласност со меѓународното право и се бори само против терористичката организација Хамас и другите кои соработуваат со Хамас“, рече Хајат.






