Денеска навршуваат 120 години од една од најславните епизоди од илинденската епопеја на македонскиот народ, во која е одбранета тукушто родената Крушевска Република и му е нанесен тежок пораз на османлискиот аскер, при што е убиен и водачот на башибозукот Сефер ага од Зајас.
Битката кај Ѓурѓејца претставува една од најкрвавите и најславни битки во Илинденското востание во кичевско, која се одиграла на една голема полјана помеѓу селата Карбуница и кладник во месноста Ѓурѓејца. Според хроничарите, оваа битка се одиграла на 4 август 1903 година и претставува една од ретко успешните и добиени битки на востаниците во Илинден, кој успех силно одекнал меѓу востаниците, како и во целиот Битолски револуционерен округ.
По нападот на востаниците на Кичево, турскиот аскер ги зајакнал своите позиции, како засилување им дошле војниците од гарнизонот сместен во селото Ижиште и со силен напад се упатиле кон селото Вранештица, сè со цел да пробијат кон селото С’лп и да се поврзат со војските од демирхисарско. Турската војска наишла на силен отпор од селската чета од Вранештица, како и востаниците предводени од Арсо војвода. Во овие борби зеле учество и селските чети од Брждани, Белица, Јудово, Кладник и Видрани. Во овие борби се борела и манастирската чета предводена од младиот поп Стојан од селото Подвис. Востаниците имале успех и го принудиле аскерот да се повлече кон градот. Во тие борби војводата Арсо, минувајќи низ селото Староец, аскерска заседа го ранила во ногата, но тој храбро ги продолжил борбите.
Разбеснет поради големите загуби во овие борби, турскиот аскер масовно тргнал да се пресмета со востаниците, собирајќи и голем број на башибозучки сили. Осамнал 4 август 1903 година. Убав летен ден, а над селото Карбуница се надвиснале црни облаци од чад од силната пукотница. Започнала најкрвавата битка во Кичевско – битката кај Ѓурѓејца. Се судриле две војски, гради в гради. За кусо време пукотниците од оружјето престанале. Аскерот и востаниците се фатиле гуша за гуша и се бореле со кундаците и бајонетите.
Востаниците имале тешки загуби. Во тие тешки и судбоносни моменти пристигнала веста дека на помош доаѓа Јордан Пиперката со над 150 востаници од демирхисарско. И навистина Јордан пристигнал. Веста за пристигнувањето на војводата внела забуна во редовите на турската војска и башибозук. Сите добро знаеле кој е Јордан, храбар и бестрашен борец. Борбените дејствија биле сè пожестоки и неизвесни. Во силната пукотница смртно бил погоден башибозучкиот водач Сефер ага од Зајас.
Наеднаш затишје на Ѓурѓејца, а потоа аскерот се дал во бегство штом видел дека водачот му загинал. Првпат во Илинден оваа битка била добиена, положбата над Карбуница бил спасена, а со тоа бил нанесен тежок удар на вековниот поробител. По сè изгледа, аскерот дал големи жртви штом се откажал од понатамошните акции.
Битката кај Ѓурѓејца востаниците скапо ја платиле, давајќи над 30 загинати борци, од кои 17 загинати претежно од демирхисарско. Селаните од Кладник ги закопале во дворот на црквата, каде денес на надгробната плоча се испишани имињата на борците кои ги дадоа своите животи за Македонија. На третиот ден по битката во селото Белица дошол членот на Главниот штаб, Борис Сарафов, кој се сретнал со Арсо Војводата и со селските реонски војводи и изразил благодарност за пожртвуваноста на борците во оваа пресудна битка.
Турскиот аскер речиси три седмици не се појавил на теренот во Горна и Долна Копачка. Во тој период се вратиле сите селани, жени и деца кои биле во збегови во шумата, почнала да се собира летината за претстојната зима.






