ЈПДП повторно распиша оглас, нема експерти за експропријација за коридорите

По три месеци од првиот оглас (26 јули), Јавното претпријатие за државни патишта на 24 октомври го објави истиот конкурс за вработување работници во Проектна единица за Коридорите на определено време.
– Вработувањата се до завршување на Проектот, односно до 22 јануари 2028 година. Меѓу другите, повторно се бара специјалист за експропријација, и тоа за почетна плата од 49.500 денари, која за разлика од првиот оглас за истото работно место е зголемена за речиси 5.000 денари. Работното време е во една смена од 8 часа дневно, а неделното работно време изнесува 40 часа од понеделник до петок. Повторно се бара и еден известувач за проектот за истата почетна плата за истото работно време, а платата што сега се нуди е исто така зголемена за 5.000 денари, пренесува Слободен печат.
ЈПДП бара и пет специјалисти за инвестиции и градба на патишта чија основа плата ќе изнесува 60.480 денари и за овие позиции платата што се нуди е повисока од онаа во првиот оглас (55.037 денари), а истата плата е посочена и за специјалистите за подготовка, изработка и следење проектна документација, за заштита на животната средина и за електроенергетски објекти, вкупно 5 на број. За овие работни места ќе важи истото работно време од 8 часа од понеделник до петок. Изборот на кандидатите ќе се изврши во рок од 45, 90 или 120 дена по истекот на рокот за пријавување, во зависност од бројот на пристигнатите пријави, стои во објавата.
Досега се одржаа неколку саеми за вработување во организација на „Бехтел и Енка“, но изгледа дека тешко дека ќе може да се стигне до бројката од предвидените 8.000 градежници што треба да бидат ангажирани на изградбата.
Во меѓувреме, Македонија исплати околу 175 милиони евра на турско – американскиот конзорцум.



Повторно оглас за „Бехтел и Енка“, нема експерти за експропријација