Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во изјава за МИА вели дека обвинителството е подготвено и има капацитет да постапува по сите кривично правни предмети од СЈО и оти се надева дека процесот ќе тече брзо.
Тој смета дека по евентуално донесување на Законот за јавно обвинителство не е исклучена можноста и досегашните обвинители да постапуваат по предметите.
„ Обвинителството е подготвено, има капацитет да постапува по сите кривично правни предмети. По пристигнување на предметите (од СЈО) и нивно распределување по обвинителствата, постапувањето од страна на ЈО ќе тече согласно законските надлежности. Се надеваме дека процесот ќе тече брзо“, вели Јовески.
Советот на јавни обвинители, по 15 септември треба да одлучи за статусот на јавните обвинители и нивното враќање во матичните обвинителства со оглед дека функцијата јавен обвинител во тие обвинителства им мирува.
„Доколку се донесе нов Закон за Јавно обвинителство, во него сигурно има одредби за нивниот статус. По преземањето на предметите и евентуално донесување на Законот ќе се одлучи кои обвинители ќе постапуваат по предметите, не е исклучена можноста и досегашните обвинители да постапуваат по предметите“, вели државниот јавен обвинител Јовески а МИА.





