„Главната порака за власта во Скопје Олаф Шолц ја испрати од неговата посета на Софија, од каде што соопшти дека ‘с.Македонија мора да ги исполни сите услови’! Бугарскиот премиер Петков на заедничката прес-конференција ги изрецитира трите услови на Софија: влегување на Бугарите во македонскиот Устав, почитување на Договорот за добрососедство меѓу двете земји и спроведување на декларацијата на бугарскиот парламент.“ – вели новинарот Митко Јовановски во својот коментар со наслов „Бугарско-монтипајтоновско шоу пред европската и светската јавност“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.
Јовановски пишува: „Симнувањето на ветото и отпочнување на процесот на преговори на Македонија за пристапување кон Европската Унија добива и хумористичен, повеќе гротескен призвук. Со одлуката на бугарскиот шоумен Слави Трифонов за напуштање на владината коалиција се направи едно такво монтипајтоновско шоу пред европската и светската јавност, така што ниту Европската комисија, ниту челниците на водечките ЕУ-држави Олаф Шолц и Емануел Макрон, не можат да најдат начин да направат бајпас на новата бугарска итроштина за одложување на евроинтегративниот пат на Македонија.“
„Темата за проширување на Европската Унија ќе се симнува од агендата на македонските политички партии. Притисоците на опозицијата за одржување предвремени парламентарни избори, заедно со претседателските, ќе бидат сѐ посилни, а тоа е период кога сосема е сигурно дека никој од политичките фактори во земјата нема да презема ризични потези што допираат во националните прашања, а со цел релаксирање на односите со Бугарија. Така, темата за проширување ќе остане ‘замрзната’ на неопределено време.“
„Втора епизода на трагикомедијата ,каде што главни комедијанти се премиерите од соседството, е репликата на Еди Рам. Тој се обиде да биде духовит пред германскиот канцелар Олаф Шолц, со претставувањето на македонскиот премиер Димитар Ковачевски како „премиер на идната Западна Бугарија“?!
„Досега имало и други досетки на сметка на припадноста на ‘западот’ и на ‘истокот’, но ниедна не била така јавно дрско и безобразно искажана на високо дипломатско ниво и во толку сложен надворешнополитички контекст, особено за Македонија, која подолго време е заложник на бугарската националистичка политика, која се води под закрилата за исполнување на некакви заеднички европски критериуми и вредности. Настапот на Рама влијаеше на зголемување на чувствителната и кревка атмосфера, која во изминатите две години постојано беше подигнувана од навредувачки изјави од бугарските политичари, кои ја оспоруваат посебноста на македонскиот јазик, народ и историја.“
„Македонската јавност не може да се согласи со објаснувањето од кабинетот на Рама дека неговата изјава била ‘била сарказам со Бугарија и иронија со Европската Унија’!“
Интернет-врска до целиот коментар:





