Јовановски: „Нема да има ‘нова ера’ во односите, ако Софија не се откаже од големобугарските негирања на македонската посебност“

„Македонија не смее да отстапи ниту милиметар од зацртаните позиции во резолуцијата што ја усвои македонското Собрание, која се однесува на одбрана и заштита на македонската посебност, македонскиот јазик, идентитет и историја.“ – вели Митко Јовановски во својата анализа со наслов „Интересите на Македонија и на граѓаните во преден план“, што ја објави весникот „Нова Македонија“.



Јовановски пишува: „Возобновениот дијалог меѓу Македонија и Бугарија започна со посетата на новоизбраниот бугарски премиер Кирил Петков, еден ден по изгласувањето на новата македонска влада предводена од Димитар Ковачевски. Во однос со настаните поврзани со односите со Бугарија се забележува (пре)нагласен оптимизам. И самиот бугарски премиер Петков, во пресрет на утрешната заедничка седница на двете влади во Софија, коментира ‘дека постои можност да биде направено нешто, што не се случило во последните 30 години’!“

„Повторно по три децении независност на Македонија се враќаат во игра старите планови за воспоставување на железничката линија помеѓу двата главни града во најкраток можен рок, како и за патувањето побрзо со автомобил или за остварувањето на авионската линија. Тука е и планот за културното поврзување на двата народа и низа други образовни програми. Значи, тоа што не било направено за последните децении, треба да се реализира во овие шест месеци, колку што трае француското претседавање со Европската Унија, а во кои треба да биде подигнато бугарското ембарго!?“

„Претходните премиери на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, одржаа заедничка седница на двете влади, во ноември 2017 година, во Струмица. Двајцата тогашни премиери најавуваа ‘нова ера’ во односите меѓу Бугарија и Македонија, за по неколку години, тие да бидат доведени на најниското ниво, поради големобугарските соништа и негирањето на македонскиот идентитет и јазик.“

„Оттаму најавата за нова заедничка седница на двете влади не мора да значи ништо, ако Софија не ги смени својата политика и уценувачкиот однос кон Македонија. Сите обиди за зголемување на економската соработка и инфраструктурно поврзување меѓу двете земји се за поздравување и на тоа треба да се работи со полна пареа.“

„Но, истовремено, Македонија не смее да отстапи ниту милиметар од зацртаните позиции во резолуцијата, што ја усвои македонското Собрание, која се однесува на одбрана и заштита на македонската посебност, македонскиот јазик, идентитет и историја.“ – истакнува Митко Јовановски, покрај другото, во својата анализа.

Интернет – врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/interesite-na-makedonija-i-gragjanite-vo-preden-plan/