Јовановски: „Инфлаторна спирала и силен стопанско-финансиски притисок врз Македонија, поради војната во Украина“

„Неизвесноста и стравот од нередовно снабдување со храна и суровини се проширија и во поразвиените земји. Никој од економските аналитичари не знае до каде може да достигне амбисот на кризата, но и да процени до кога ќе трае.“ – пишува Митко Јовановски во својата анализа со наслов „До каде може да достигне амбисот на кризата“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Јовановски пишува: „Руско-украинската војна ги наруши економските текови во целиот свет. Острите санкции на западните земји кон Русија имаат потенцијал да предизвикаат сериозни политички и финансиски последици на глобално ниво. Под силен притисок се наоѓа и Македонија, која остварува најголема трговска размена со земјите од Унијата. Македонската влада презеде серија од мерки за заштита на стандардот на граѓаните, преку намалување на даноците за бензините и основните прехранбени производи. Тоа предизвика и огромен финансиски товар, за што веќе се прават и анализите за нов, ребалансиран буџет за 2022 година.“

„Извесно е дека стапката на инфлација, која сега е проектирана на 2,6 отсто, ќе биде многу повисока. Нагорни ревизии на цените на основните суровини се предвидуваат и во најновиот извештај на Народната банка. Македонија подолго време се соочува со ‘увозната инфлација’, поради скокот на цените на суровините и горивата. За 2022 година оцените за инфлацијата се ревидирани нагоре, при што се очекува поголем раст на цената на пченицата и на пченката. Нагорните движења кај пченицата во најголема мера се должат на загриженоста на инвеститорите за можните прекини во каналите на снабдување од регионот на Црно Море поради напнатата ситуација во Украина, додека кај пченката тоа е одраз на очекувањата за пониско ниво на производство на пченка во Аргентина и Бразил, како што наведуваат од Народната банка.“

„На среден рок, економските влијанија и нарушувања може да бидат многу поголеми, бидејќи руско-украинските области се извори на големи ресурси, не само енергија, туку и минерали, храна…’ – изјави академик Абдулменаф Беџети, економски експерт.“

„Ако оваа криза продолжи и ако се продлабочи, тогаш е веројатно е дека контролираната или управувана инфлација може да ги надмине умерените нивоа, па дури и да ги надмине едноцифрените плафони. Инфлаторната спирала во земјата ја поттикна и големиот раст на цените и на металите – што веќе повлече и раст на цените на недвижностите, покажуваат анализите на домашните макроекономисти.“ – пишува Митко Јовановски во својата анализа, покрај другото.

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/do-kade-mozhe-da-dostigne-ambisot-na-krizata/