Јовановски: До кога Брисел ќе молчи за фашистичките изблици на Бугарија?

ПО ОТВОРЕНИТЕ ПОРАКИ И ЗАКАНИ ОД БУГАРИЈА ЗА ТЕРИТОРИЈАЛНИ ПРЕТЕНЗИИ КОН МАКЕДОНИЈА



„Со најновото повторено вето од Бугарија за нашата држава, која пак беше спречена да ги почне пристапните преговори со Европската Унија, високи бугарски претставници продолжија и ги засилија говорот на омраза и националистичките изјави со отворени територијални претензии кон Македонија. Најекстремен во искажувањето на антимакедонските ставови е бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој порача дека ‘Македонија е Бугарија, втора бугарска држава на Балканот’, во неговата реакција до новиот бугарски премиер Кирил Петков, по неговите најави за нов пристап во односите со Македонија.“ – вели Митко Јовановски во својата статија, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Јовановски пишува: „Негаторските ставови кон постоењето на македонската држава и народ се континуитет во бугарската надворешна политика, но загрижува тоа што најновите напади не наидоа на никаква осуда ниту од т.н. ‘прогресивна Влада’ на новоизбраниот бугарски премиер Кирил Петков, ниту од Европската Унија, чија членка е Бугарија. Дотолку повеќе што сето ова се случува на почетокот на новиот мандат на новата бугарска влада и во исто време кога и бугарскиот претседател Румен Радев како ‘расипана плоча’ ги извртува тезите и преповторува за наводно постоење на говор на омраза на македонската страна!“

„Изостанаа остра реакција и осуда и од македонските официјални лица и институции за последниот националистички испад на бугарскиот европратеник. Зошто сѐ уште Европа го толерира тоа? Наспроти инертноста на Унијата, правдољубивата меѓународна јавност остро го впери прстот кон Бугарија, за што пример се и написите на влијателниот германски весник ‘Франкуртер алемајне цајтунг’, во кои жестоко се критикува Бугарија за нејзините антиевропски и антицивилизациски политики кон Македонија. Провокациите за непостоењето на македонскиот народ доаѓаат речиси од сите политички партии во Бугарија. Во тоа се истакнуваше партијата ВМРО-БНД на поранешниот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, која настапи и со скандалозен предизборен спот, во кој течеа инсерти од Скопје и од Охрид, во кои тој го нарекува бугарски град. Во еден спот дури е нагласено дека Македонија е бугарска. Красимир Каракачанов е поранешен министер за одбрана и вицепремиер во Владата на Бојко Борисов, во чиј мандат беше потпишан Договорот за добрососедство во 2017 година.“

„Но, тоа не ѝ пречи на бугарската страна еднострано и националистички да го чита овој договор, кој се однесува и на тоа дека ниедна од двете страни не треба да презема, поттикнува и поддржува дејства насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер, како и за тоа дека договорните страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга. Но Бугарија сиот изминат период грубо го прекршува договорот и од позиција на сила како членка на Унијата настапува империјалистички, хегемонистички, со отворени закани и територијални претензии кон Македонија.
Но, и покрај ова, изостануваат реакциите на осуда од новата бугарска влада, како и од ЕУ, од чии институции во кои партиципира и бугарскиот европратеник дава изјави од еден европратеник, кои значат и отворени територијални претензии кон соседна европска земја!“

„За разлика од македонското министерство за надворешни работи, кое избегнува или со задоцнување реагира на говорот на омраза и заканите од бугарските политичари, официјална Софија секогаш се огласува, па дури и за најбанални работи или изјави на наши политичари и потоа тоа го користат пред европските лидери, како ‘„аргумент’ за наводното ‘системско прекршување’ на правата на граѓаните со бугарско потекло што живеат во Македонија’. Во таа насока, не само демократска Европа туку крајно време е и македонската дипломатија и политичките лидери да се разбудат и јасно и гласно да проговорат и да ги осудат сите овие брутални испади на бугарските политичари, кои не само што се противправни туку се и антиевропски и антицивилизациски.“ – заклучува Митко Јовановски во својата статија.