Јовановиќ за францускиот предлог: Насилно уривање на владата или формално прифаќање без имплементација

Екс советникот на екс министерот за финансии на СДСМ (Тевдовски) Бранислав Јовановиќ смета дека Францускиот предлог илустрира колку ЕУ е исклучена од реалноста на Балканот.



,,Секој со основно познавање на состојбите во Македонија ќе знаеше дека предлогот не може да биде прифатен од народот во државата и дека може да доведе само до масовни протести”, смета Јовановиќ според кого ЕУ сега нема друга опција освен да го повлече предлогот.

Во спротивно има две сценарија.

,,Опсегот на исходи сега оди од насилно соборување на актуелната влада, до само формално прифаќање на предлогот, без вистинска имплементација. Во секој случај, земјата нема да направи никаков напредок кон влезот во ЕУ, што ќе го храни национализмот и евроскептицизмот”, смета Јовановиќ.

,,Затоа, ЕУ нема друга алтернатива освен целосно да го повлече предлогот и веднаш да ги започне пристапните преговори со Македонија, без дополнителни одложувања и услови. Ова нема да ги залечи сите рани, но барем малку надеж ќе остане”, вели финансискиот експерт и поранешен член на Левица кој сега работи за меѓународни финансиски институции.