Додека претседателот на бугарското Собрание, Росен Желјасков, во Скопје се обиде да ги затопли односите меѓу двете земји, потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, од Софија со нова жестока канонада напади врз Македонија.
„Политичарите во Скопје не покажуваат ниту желба ниту консензус за заемна соработка. Северна Македонија не покажува знаци за запирање на јазикот на омразата кон Бугарија. Неприфатлива и недостојна е злобата кон сè бугарско, која расте и поминува неказнето и престана да биде билатерално прашање. Јазикот на омразата на Република Северна Македонија кон Бугарија сега е европско прашање“, рече Јотова на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ на свечената прослава на 100-годишнината од формирањето на Македонскиот научен институт.
Таа се повика на „голем број случаи на омраза“ кон „македонските Бугари“ и нагласи дека „за Бугарија како европска земја на 21. век е неприфатливо да се толерираат систематски криминални дела и насилство врз Бугарите во Северна Македонија“.
„Под истава купола на Универзитетот во Софија, пред еден век, се собраа еминентни научници и јавни личности да го основаат Македонскиот научен институт и тој „да ја проучува историјата, географијата, етнографијата и економскиот живот на Македонија, да собира историски материјали за ослободителните борби на македонските Бугари и да подготви систематска и детална историја на овие борби“, истакна потпретседателката во поздравот, посочувајќи дека во своето стогодишно искуство Институтот повеќепати дошол до заклучок дека не е в ред да се гради македонски идентитет на антибугарска основа.
„Да ги поттикнеме раководството и соработниците на Институтот да продолжат да бараат свои истомисленици во Северна Македонија, бидејќи само заедно можеме да го искорениме јазикот на омразата, само на овој начин можеме да им помогнеме на нашите соседи на нивниот пат кон европското членство. Како модерна земја, Бугарија го поздравува раскинувањето со угледот на Балканот како центар на домашни и братоубиствени непријателства“, рече таа.
Јотова потсети дека шефот на државата Румен Радев во дијалогот со Македонија ја наметнал тезата за императивна промена на нејзиниот Устав заради гарантирање на правата на Бугарите, но кај соседот немало политичка волја за придвижување на промените.
„Песимист сум дека ќе има напредок до крајот на годината“, оцени таа, префрлувајќи ја топката на Европската унија со зборовите дека „Брисел не ги прифаќа заткулисните обиди на Владата во Скопје да ја заобиколи заложбата да ги вклучи Бугарите како државотворна нација во северномакедонскиот Устав“.
Во својот говор заменичката на Радев се осврна и на обидот за прогласување месец на македонско-американското културно наследство во државата Мичиген.
„Дијаспората на Бугарите, Грците и Албанците реагираше на изјавата дека во САД живеат над половина милион Американци со македонско потекло. Прогласувањето беше прекинато“, рече Јотова.
„Својствата и материјата се делат, иако тешко, но историјата не е покривка или килим, не може да се пресече на ‘ваши’ и ‘наши’ парчиња и периоди. Трагикомични се и обидите за поделба на историските личности. Или како што самиот Гоце Делчев велеше ‘што да правиме што сме Бугари’“, изјави таа. Таа беше категорична дека од повиканите да владеат со Бугарија се очекува длабински да ја познаваат историјата, да знаат што е добро, да им подадат рака на соседите, но да бидат одлучни и бескомпромисни кога станува збор за заштита на идентитетот.






