Јотова: Бугарија требаше да се бори за еврокомесар за проширување

Бугарската потпретседателка Илијана Јотова смета дека Бугарија требало да се бори да добие еврокомесар за проширување.



„Бугарија беше и ќе продолжи да биде најголемиот поддржувач на европската интеграција на Западен Балкан. За да ја продолжиме оваа континуирана политика, требаше да се бориме бугарскиот еврокомесар да одговара за проширувањето. За тоа се залагав пред една година“, изјави Јотова во интервју за телевизијата Бугарија он ер, мислејќи на составувањето на Европската комисија на Урсула фон дер Лејен.

Секоја членка на Европската унија има еврокомесар, а од Бугарија тоа е Марија Габриел, надлежна за иновации, истражувања, култура, образование и млади.

Јотова во интервјуто не пропушти можност да испрати порака и околу тензиите со Македонија по ветото од нејзината држава за стартот на преговорите со ЕУ.

„Бугарија не треба да отстапува од црвените линии формулирани по консултативната средба кај претседателот Радев, рамковната позиција на Советот на министри (Владата – н.з.) и декларацијата донесена од Националното собрание. Отсега натаму, решавањето на проблемите е речиси целосно во рацете на македонската страна. Не е Бугарија таа што треба да го ревидира својот став и да биде активна земја во потрага по решение. Прашање е на дипломатија и знаење како нашите услови можат да се рефлектираат во текстовите на рамката за преговори“, изјави таа.