Морам да признаам дека не сум чепкала многу по семејните корени, но, денешниот настап на премиерот Заев, за првпат ме испровоцира до ниво на бес.
Ова е Јоска Јорданоски (1921-1942), брат на мојот дедо Борка Јорданоски.
Јоска (чие име го носи татко ми) е еден од седумте први прилепски партизани, кои на 12 септември 1941 год., во месноста “Бидимаш” на Селечка планина, ја формираат првата партизанска чета.
Била составена од борците: Илија Игески-Цветан, Трајко Бошкоски-Тарцан-Илинденски, Борка Велески -Горанов, Лазо Филипоски-Лавски, Ѓорe Секулов Велкоски–Стрелката и Киро Крстески-Платник.
На 17 октомври 1941 год. учествува во формирањето на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“.
На 22 април 1942 год. учествува во формирањето на битолскиот партизански одред „Пелистер“, но веќе на 3 мај 1942 год. одредот во близина на Битолското село Орехово бил опколен од многубројна БУГАРСКА војска и полиција.
Во повеќечасовната нерамна борба Јоска загинал погоден од непријателски куршум во главата. Закопан е заедно со неговата соборка Елпида Караманди.
И никаков Заев не може да го порекне тоа. Никогаш.
Мери Јордановска
Новинар






