ЈО за организиран криминал ја запрело истрагата за фризерницата која доби 270 000 евра европски пари за проекти од Еразмус+

Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција ја запрело истрагата за скопското фризерско студио лоцирано во Аеродром, кое меѓу 2018 и 2020 година добило неповратни грантови од над 270.000 евра преку програмата „Еразмус+“, дознава expres.mk.



Оваа програма ја спроведува Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, чиј директор пред под притисок на јавноста да биде сменета за фризерницата и случајот со ,,тренирани магариња”, беше екс пратеничката на СДСМ Лидија Димова.

Извори на expres.mk блиски на истрагата утврдиле дека обвинителството не пронашло докази дека фирмата „В.Е.З. Трејд“ со основна дејност „фризерски салони и салони за разубавување“, а регистрирана и со општа клаузула за бизнис, незаконски добивала грантови за проекти од областа на едукацијата.

Во други земји, вакви грантови за едукација добиваат школи, универзитети, здруженија и државни институции, но не и фирми регистрирани со дејност „фризерски салони“.

Во 2018 година, на фризерницата првпат ѝ се одобруваат два проекти, за кои преку Националната агенција се исплаќаат 63.552 евра. Следната година, „В.Е.З. Трејд“ повторно аплицира и добива, овојпат, грант од 25.840 евра. Оваа година, името „В.Е.З Трејд“ не е впишано меѓу добитниците на грантови, но затоа, како грантист е впишан „Вредност на европското знаење“ кој добива 181.485 евра. Вакво правно лице не е регистрирано во Централниот регистар на Македонија. Но, овој назив се среќава во европскиот регистар на субјекти, одобрени да аплицираат за грантови. Иако има два различни називи, сепак станува збор за едно правно лице, фризерницата „В.Е.З. Трејд“, на која оваа година преку „Еразмус+“ ѝ биле одобрени рекордните 181.485 евра, објавија тогаш медиумите.

Обвинителството за организиран криминал според изворите на expres.mk по извршените мерки за проверка на индициите за криминал утврдило дека во случајот нема докази за кое минал поради што се прекинуваат сите истражни дејствија.